среда, 5 февруари 2025

МЕПСО го раскина договорот за изградба на далноводот кон Албанија

Раскинат е договорот со „Енергоинвест“ ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, кој беше изведувач на изградбата на 400-киловолтниот далновод од ТС Битола 2 до македонско-албанската граница, информираат од АД МЕПСО.

Објавено на

часот

Сподели

„До неодложно раскинување на договорот доведе неисполнувањето на обврските од страна на изведувачот и барањата за дополнителни плаќања поради значителното зголемување на трошоците за материјали и услуги. Ова доведе до неможност за постигнување согласност меѓу двете страни. Договорот со ‘Енергоинвест’ беше склучен на 7 февруари 2020 година, со рок за завршување од 30 месеци, кој истече на 30 мај 2023 година“,посочуваат од МЕПСО.

Во овој период, изведувачот неколкупати го напушташе градилиштето, барајќи дополнително плаќање, што беше одбиено од АД МЕПСО заради типот на договорот – „клуч на рака“.

И покрај повеќекратните напори на АД МЕПСО за усогласување и преговарање, договор не беше постигнат. Затоа, АД МЕПСО ја донесе неопходната одлука за раскинување на договорот. Од започнувањето на проектот досега се реализирани 24 од планираните 269 фундаменти за столбови, или 8,9%, а доставени се 51,2% од опремата. Имајќи ја предвид настанатата ситуација, одолговлекувањето на работите, како и целосното еднострано напуштање од страна на изведувачот, цениме дека раскинот на овој договор всушност претставува почеток на завршување на проектот, кој е врвен приоритет за АД МЕПСО и Владата“, велат од електропреносниот систем оператор.

Од АД МЕПСО порачаа дека остануваат посветени на завршувањето на 400-киловолтната интерконекција со Албанија и веќе започнале подготовки за рестартирање на проектот.

„Друштвото ќе иницира нова тендерска постапка според насоките на ЕБОР за избор на нов изведувач кој ќе продолжи со изградбата. Успешната реализација на оваа интерконекција останува приоритет за АД МЕПСО, бидејќи ќе ја зајакне регионалната енергетска стабилност и интеграција, со значителни придобивки за Северна Македонија, Албанија и регионот во целина“, нагласуваат од АД МЕПСО.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ