петок, 18 октомври 2024

Мелони обвинета за „цепкање на Италија“ поради законот кој дозволува богатите региони да ги задржат даноците

Италијанската премиерка од крајната десница Џорџа Мелони е обвинета за „цепкање на земјата“ откако парламентот го одобри контроверзниот закон со кој на регионите им се дава поголема моќ, а критичарите велат дека ќе ја зголеми сиромаштијата на југот, наведува британски Гардијан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Промената, која ја одобри долниот дом по жестока дебата, е дел од владината реконструкција на италијанската држава, вклучувајќи го предлог законот кој во вторникот го одобри горниот дом кој би овозможил директен избор на премиер или премиерка.

Законот за „диференцирана автономија“, кој го побараа богатите десничарски Ломбардија и Венето, како и левичарската Емилија Ромања, им дава на регионите поголема моќ над начинот на кој нивните даночни приходи се собираат и трошат, како и над јавните служби како здравството и образованието.

Одобрувањето на законот, усвоен со 172 гласа за и 99 против, го поздрави Матео Салвини, лидерот на Лига, членка на владејачката коалиција која со години се залага за потегот, како „победа на сите Италијанци“.

Мелони кажа дека ова е „чекор напред кон изградба на посилна и поправедна Италија“ и наведе дека со ова „ќе се надминат разликите кои денес постојат меѓу различните делови на земјата“.

Критичарите сметаат дека, ако богатите региони бидат во можност да задржат повеќе од своите даночни приходи, тоа ќе значи помалку финансиски средства за посиромашните региони, кои се претежно на југот.

Мерката беше толку оспорувана што доведе до тепачка во парламентот минатата недела, кога на политичар од опозициското Движење на пет ѕвезди му беше потребна медицинска помош.

Тепачката предизвика демонстрации на опозициските партии во Рим, кои кажаа дека се собираат „за да го бранат националното единство“ соочени со двата закони и дека протестираат против наводното „насилство и заплашување“ од страна на владејачката коалиција.

Ели Шлајн, лидерката на Демократската партија од левиот центар, кажа дека мерката предизвикува поделби и дека ќе се зголеми нееднаквоста.

„Мелони, патриотката која ја цепка земјата“, кажа таа. „Браќата на Италија се поклонија на сецесионистичките соништа на Лига“.

Предлог законот кој дозволува директен избор на премиер или премиерка е значајна уставна промена која Мелони енергично ја промовира, опишувајќи ја како „мајка на сите реформи“.

Според тој предлог, премиерот или премиерката би се бирал, односно бирала, на пет години, а коалицијата која го поддржува победничкиот кандидат или кандидатка би добила најмалку 55 отсто од местата, закон за кој Мелони тврди дека би помогнал да се укинат „ротирачките врати“ на италијанските влади.

Критичарите стравуваат дека предлог законот, кој личи на уставната промена која ја направи фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини пред околу еден век, би можел да ја одведе Италија кон авторитаризам.

Секоја промена на уставот мора да ја одобрат двата дома на парламентот со двотретинско мнозинство. Гласањето во горниот дом изостана, а се очекува да се повтори резултатот во долниот дом, што значи дека законот речиси сигурно ќе биде ставен на референдум, кој би можел да биде одржан во 2025.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ