Привремените засолништа во Сиудад Хуарез ќе имаат капацитет да примат илјадници луѓе и ќе бидат готови за само неколку дена, изјави градскиот функционер Енрике Ликон.
„Ова е без преседан“, рече Ликон во вторникот попладне додека работниците растовараа долги метални конструкции од камиони паркирани на голем празен простор покрај реката Рио Гранде, која го дели градот од Ел Пасо, Тексас, објави Ројтерс.
Шаторите во Сиудад Хуарез се дел од планот на мексиканската влада да подготви засолништа и прифатни центри во девет градови низ северно Мексико.
Официјалните лица на локацијата ќе им обезбедат на депортираните Мексиканци храна, привремено сместување, медицинска нега и помош при добивање лични документи, се вели во владиниот документ во кој се наведува стратегијата наречена „Мексико ве прифаќа“.
Владата, исто така, планира да обезбеди автобуси за превоз на Мексиканците од прифатните центри назад во нивните родни градови.
Трамп вети дека ќе ја изврши најголемата депортација во историјата на Соединетите Држави, која ќе отстрани милиони имигранти. Сепак, операција од таа големина веројатно би траела со години и би барала огромни трошоци.
Според анализата на мексиканскиот истражувачки институт Ел колехио дела фронтера норте (КОЛЕФ), која се заснова врз податоците од неодамнешниот попис во САД, речиси пет милиони Мексиканци живеат во САД без соодветна документација.
Многу од нив доаѓаат од делови на централно и јужно Мексико погодени од насилство и сиромаштија. Според студијата КОЛЕФ, околу 800.000 Мексиканци без документи во САД доаѓаат од Мичоакан, Гереро и Чиапас, региони каде жестоките борби меѓу организираните криминални групи принудија илјадници луѓе да избегаат во последниве години, понекогаш оставајќи цели села напуштени.