„Вршиме вовед на градежните активности на новиот мегапарк, зелен парк покрај коритото на река Брегалница. Зелена површина, зелена оаза којашто ќе го промени начинот на живот во нашиот град, но и изгледот на Општина Штип. После изградбата на овој мегапарк граѓаните ќе добијат видоеизменет град и една содржина за која сум сигурен дека не само штипјани, туку ќе ја користат и граѓаните кои ќе доаѓаат од околните населени места. Вредноста е околу 100 милиони денари, на површина од околу 70.000 метри квадратни, а ќе се простира по должината на велосипедско пешачката патека“, изјави Јорданов.
Тој истакна дека со тек на времето, мегапаркот ќе добива на вредност заради вегетацијата и зеленилото кое е предвидено да биде присутно овде, па не се исклучува можноста ова да биде најубавиот дел од градот. Ќе се работи интензивно и се очекува да биде завршен во наредните четири месеци.
„Верувам дека по изградбата на овој парк, проектот ќе добива вредност. Како што ќе минува времето, целата вегетација која е предвидена и зеленилото кое е предвидено, со тек на време ќе додаде вредност и на паркот, и на сè она што наоколу ќе се создава. А ќе се гради многу. Имајќи предвид дека е во близина на булеварот „Партизанска“ и на новата зона за домување , перспективно во наредните години ова ќе биде еден од најубавите делови од нашиот град“, додава Јорданов.
Тој додаде бунарскиот систем кој се наоѓа во непосредна близина на паркот ќе биде заштитен како резервна варијантна за водоснабдување на Штип.