недела, 22 декември 2024

Меџити: Ќе се заложиме за стипендии за најдобрите ученици

Вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити денеска беше во посета на InfoTech Academy, каде се оддржуваат Отворени денови. Според него, овој центар е јасен пример на тоа што се случува кога приватниот сектор ќе се ослободи од притисокот.

Објавено на

часот

Сподели

Вицепремиерот во изјава за медиумите рече дека како извршна власт ќе се залагаат за доделување стипендии за најдобрите ученици за да го поддржат нивниот развој и оспособување.

„Нашата поддршка за вакви проекти ќе биде евидентна бидејќи само така може да се развива нашето општество. Фактот што имаме значајни инвестиции како овој центар покажува дека нашите економски политики функционираат, создавајќи безбедна и атрактивна средина за инвеститорите“, рече Меџити.

На младите, додаде вицепремиерот, со вакви проекти им се дава можност да ги следат своите соништа, да развиваат иновации и да придонесуваат за економијата на земјата.

Прашан за предлог-законот за бранителите, Меџити рече дека тоа е иницијатива на деструктивната опозиција ДУИ, и во случајов злоупотребената СДСМ, бидејќи истиот СДСМ до вчера се бореше за граѓански концепт.

Владата, како што кажа, ќе додели милијарда евра за решавање на конкретни реални проблеми на сите општини и на сите граѓани во државата, и нема да ѝ бидат приоритет такви прашања и воедно нема да дозволи да одиме таму „каде што сака да не поведе деструктивната опозиција“.

„Во тие осум години додека беа на власт немаа вакви иницијативи за бранителите. До вчера се тепаа за граѓански концепт, имаа албански гласачи, имаат во своите структури и високи функционери Албанци, така што дилемата е зошто им е потребна оваа иницијатива на СДСМ да забега во краен национализам. Но, и оваа тенденција ќе биде како и сите други неуспешни иницијативи за дестабилизација само да се избегне одговорноста“, рече Меџити во одговор на новинарско прашање.

Прашан дали Вреди ќе го поддржи законот за бранители, Меџити рече дека во фокусот на Владата е борбата против корупција.

„Фокусот на оваа Влада е борбата против корупцијата која што е канцер за ова општество. Таа борба ќе биде бескомпромисна за враќање на довербата во судството, а главниот  фокус ќе биде и економски развој и стандардот на граѓаните со посебен осврт на децентрализацијата“, потенцира Меџити.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ