Зашто Беким Сали се плаши да им ги спомене имињата на оние кои во времето кога се случи пожарот во модуларната болница во Тетово биле на функција и зошто и каков интерес има да ја извртува вистината и да ги штити претходниците. Дали на тој начин сака да прикрие дека тој всушност 8 месеци не постапувал по случајот и се обидува да ја префрли вината на друг, прашаа денеска од Министерството за здравство (МЗ).
„Имено, според документите во Министерството за Здравство, целосна лага е она што го изнесе Сали на прес конференцијата во која тврди дека го раскинал договорот со изведувачот. Напротив, Сали не само што не го раскинал договорот, туку ги примил амбулантите со што практично одобрил нивна исплата. Од досегашната на внатрешните документи, се гледа дека Сали никогаш не го раскинал договорот, ги примил и одобрил амбулантите со што автоматски одобрил и исплата, а потоа решил да не плаќа со што генерирал долг и камата од 200.000 евра за граѓаните. Тој лично е одговорен за ова и за ова треба да сноси одговорност. Министерството ги анализира правните можности да покрене постапка против Сали за овој случај“, велат од МЗ.
Од министерството велат дека министерот Фатмир Меџити останува транспарентен по овој случај и во целосна коориднација и на располагање на институциите. Оттаму наведуваат дека сите документи кои и досега биле доставени на барање на институциите, уште еднаш ги доставиле до Обвинителството за организиран криминал и МВР.
„Потсетуваме дека ниту еден денар не е исплатен за модуларните болници досега и постапката за решавање на овој предмет е во Владата, како мислењата од правобранителство, внатрешната ревизија и сите пропратни документи“, велат од МЗ.
Сали пак денеска во својство на потпретседател на Алтернатива преку партиското соопштение бара јасен одговор од актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити зошто ѝ платил на компанијата Брако за болницата во Тетово и зошто со насочување на вниманието „кон периферните работи очајно се обидува да ја тргне одговорноста од себе“.
Неодамнешните критики околу трагичниот инцидент на модуларната амбуланта во Тетово бараат јасен и одговорен одговор од актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити. Тој, наместо да се занимава со суштинското прашање зошто ивршиле исплата на компанијата Брако за несреќната модуларна амбуланта во Тетово, тој го насочува вниманието кон периферните работи, со очаен обид да ја тргне одговорноста од себе, вели Сали во соопштението.
„Факт е дека јас како поранешен министер за здравство прифатив прием и предавање на модуларните амбуланти во Ѓорче Петров, Бутел и Лисиче, но овие амбуланти беа подложени на ригорозни процеси за проверка на квалитетот под мој надзор за да ги заштитам. Но, главна информација за него и за јавноста е дека се воздржав од било какви плаќања кон фирмата Брако поради тековните истражни постапки од страна на обвинителството и утврдувањето на неправилности од внатрешната ревизија. Ревизијата беше готова неколку недели пред моето разрешување, а судскиот епилог веќе во времето на министерување на Фатмир Меџити. Како што тврди и самиот, последниот прием и предавање на крајниот корисник, Здравствен Дом Скопје, на гореспоменатиот објект сум го овозможил ден пред моето разрешување. Да не бев сигурен во одлуката, имав можност да ја избегнам. Меѓутоа загриженоста на јавноста не е во тоа што трага Меџити, туку во неговата одлука да продолжи со исплата кон наведената компанија и покрај горенаведените црвени знамиња. Дали би можел Меџити да одговори јавно, имајќи пред себе извештај од ревизија која укажува на неправилности и судски процес кој што е во тек, како успеал да се мотивира за да побара исплата за таа фирма без да се расчистат овие околности?! Не само што е од суштинско значење да се разбере зошто се извршени овие плаќања за модуларните амбуланти во Тетово, туку и дали тој и неговата партија извлекле несоодветна корист од таквите трансакции?!“, пишува Сали во соопштението.
Сали уште вели дека „во серијата контрадикции на Меџити“ тој вчера зборувал за „извесен долг кој што треба да го плаќаат граѓаните“.
„Според неговите тврдења, како резултат на нереализирана исплатата граѓаните се должни кон Брако. Истиот тој Меџити, кој завчера како реакција од истражувањето на ИРЛ, се бранеше дека не исплатил ниту еден денар а веќе е во деветтиот месец од својот мандат. Но и покрај ова, најважно од сѐ е министре, да се осврнете на централното прашање, наместо да го заобиколувате, трагичната загуба на животи и распределбата на јавните средства. Тие не бараат ништо помалку од сеопфатен и директен одговор“, напиша Сали.
Кавгата помеѓу Меџити и Сали избувна откако ИРЛ објави документарен филм во кој меѓу другото се обработува прашањето за одговорноста на фирмата Брако од која беа купени модуларните амбуланти во текот на ковид 19 пандемијата.