Килијан Мбапе повторно е инволвиран во трансфер сага, напаѓачот ги одработува последните месеци од договорот со ПСЖ и калкулира со својата иднина – да остане во Париз, или да се реши за авантура во Реал Мадрид.
Последните информации велат дека „кланот Мбапе“, предводен од мајката на Французинот, го ставил Флорентино Перез на мака.
Тие бараат бруто плата од 100 милиони евра по сезона, односно 50 милиони евра нето. Со ваква сума, Килијан Мбапе ќе биде далеку најплатен на „Сантијаго Бернабеу“, во моментов највисоката плата во Реал Мадрид е околу 20-25 милиони евра по сезона.
Претходно се пишуваше дека „кралевите“ се подготвени да му понудат на Килијан Мбапе околу 30 милиони евра нето, па Флорентино Перез изгледа ќе треба да бркне подлабоко во џебот.
Но ова не е единственото барање на луѓето од придружбата на Килијан Мбапе, тие сакаат да „лапнат“ и бонус од околу 175 милиони евра поради тоа што Реал Мадрид нема да му плати ниту едно евро оштета на ПСЖ.