сабота, 19 октомври 2024

Матичните лекари нема да работат во понеделник, згрозени се од убиството на нивниот колега

Матичните лекари од приватното здравство во понеделник од 12 до 16 часот нема да работат во знак на револт, откако вчера нивен колега беше пронајден мртов со убодни рани, изјави претседателката на Здружението на приватни матични доктори, Лилија Чолакова Дервишова. И Лекарската комора го осуди вчерашното убиство на докторот и бара од надлежните институции итно решавање на случајот.

Објавено на

часот

Сподели

„Згрозени сме од ваквиот чин. Се работи за наш колега и професионалец кој целиот живот го има посветено на работата. Што треба да значи ова, дека треба да се плашиме дали некој кој не е задоволен од некоја причина од нашата работа и после работно време може да посегне по нашиот живот. Ние ќе го изразиме нашиот револт и во понеделник од 12 до 16 часот нема да работиме“, вели за МИА, Чолакова — Дервишова.

Истакна дека неопходно е да се донесе Закон за докторска дејност со кој точно ќе се дефинираат условите, правата и должностите на лекарите.

„Го повикувам Министерството за здравство што поскоро да се донесе Законот за докторска дејност со кој ќе се заштити работата на лекарите. Ние сме навистина револтирани и згрозени од ваквиот чин“, рече Чолакова — Дервишова.

Од Министерството за здравство информираа дека докторот не бил вработен во поликлиниката Железара, туку во приватна ординација издадена под концесија.

И Лекарската комора го осуди вчерашното убиство на докторот и бара од надлежните институции итно решавање на случајот.

„Истакнуваме дека никаков вид на насилство во општеството не смее да се толерира, бидејќи насилството не е соодветен начин на кој се решаваат проблемите. Истакнуваме јавно барање надлежните институции итно да постапат за овој случај и да ги преземат сите неопходни мерки за да ги утврдат околностите во кои се случил настанот и соодветно на тоа да го пронајдат сторителот и да го санкционираат“, пишува во соопштението од Лекарската комора.

Загубата на доктор е и загуба на целиот здравствен систем, велат од Лекарска комора, од каде посочуваат дека остануваат будно да го следат развојот на настаните и соодветно да реагираат.

Министерството за внатрешни работи информираше дека 67-годишниот лекар со убодни рани е пронајден во сопственото возило киа на паркингот пред поликлиниката Железара. Според пријавеното, го нашле неговите синови, кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа.

„На 21 март 2024 во 23:09 часот во СВР Скопје било пријавено дека во сопственото возило киа со скопски регистарски ознаки, на паркинг пред поранешната клиника Железара, со убодни рани по телото бил пронајден А.Т. од Скопје. Според пријавеното, тој бил пронајден од неговите синови, кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, се вели во соопштението од МВР.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ