Целта на компанијата е да го поврзе човечкиот мозок со компјутер и да помогне во решавањето на сложени невролошки состојби. Голем број конкурентски компании веќе имаат вградено слични уреди. Би-би-си њуз се обрати до Неуралинк и американскиот медицински регулатор, Управата за храна и лекови (ФДА), за коментар.
Во мај, компанијата на Маск доби дозвола од ФДА да го тестира чипот на луѓе, што претставува пресвртница. Со ова е дадено зелено светло за почеток на шестгодишно истражување.
На пациентите кои ќе учествуваат во студијата хируршки ќе им се вгради чип во делот од мозокот кој ја контролира намерата за движење. Чипот, кој ќе го инсталира робот, потоа ќе снима и испраќа мозочни сигнали до апликација, со првична цел „да им се овозможи на луѓето да го контролираат курсорот или тастатурата на компјутерот користејќи ги само своите мисли“, според Неуралинк.
Маск на Икс објави дека првиот производ на Неуралинк ќе се вика Телепати. Треба да овозможи да се контролира нечиј мобилен телефон или компјутер – со размислување.
„Првите корисници ќе бидат оние кои ја изгубиле способноста да ги користат своите екстремитети. Замислете Стивен Хокинг да може да комуницира побрзо од брз дактилограф. Тоа е целта“, додаде Маск.