ВСЏ ја пренесува и изјавата на Маск, добиена од неговиот адвокат. „Време е ОпенАИ да се врати на своите корени како отворен, безбедносно ориентиран проект за општо добро“.
Откако веста стана јавна, извршниот директот на ОпенАИ Сем Алтман му одговори на Маск на социјалната мрежа Икс со зборовите: „Не, благодарам, но ако сакате, ние би можеле да го купиме Твитер за 9,74 милијарди долари“.
Маск веднаш му возврати нарекувајќи го измамник, а подоцна во одговор на друг корисник напиша дека Алтман е „Скем Алтман“ (измама Алтман).
Конфликтот доаѓа во момент кога односите меѓу Маск и Алтман се исклучително напнати. Маск и Алтман се меѓу основачите на ОпенАИ, формиран во 2015 година како непрофитна организација со цел истражување на вештачката интелигенција.
Меѓутоа, насоката во која ОпенАИ тргна во последните години предизвика критики од Маск, особено откако ОпенАИ во 2019 година формираше комерцијална подружница и го лансираше ЧетГПТ на крајот на 2022, со што го привлече глобалниот интерес и предизвика инвестирања во генеративната вештачка интелигенција.
Според неодамнешен извештај на Си-ен-би-си, Софтбанк е блиску до склучување инвестиција од 40 милијарди долари во ОпенАИ, а се проценува дека вредноста на ОпенАИ би можела да достигне до 260 милијарди долари.
Маск во моментов води сопствен АИ стартап наречен иксАИ, кој се позиционираше како конкурент на ОпенАИ. Покрај тоа, Маск поднесе тужба против ОпенАИ, обвинувајќи го за кршење на антимонополските закони и обидувајќи се да спречи негова понатамошна транзиција во профитна компанија.
Според информациите на Волстрит џурнал, понудата на Маск ја поддржува неговата компанија иксАИ, која во случај на успешна аквизиција би можела да се спои со ОпенАИ. Меѓу другите инвеститори во оваа понуда се наоѓаат Валор еквити партнерс, Барон капитал, 8ВЦ и инвестицискиот фонд на Ари Емануел од Ендевор.