Поврзаноста на Маск со американскиот претседател Доналд Трамп, кој планира да воведе царина од 25 отсто за сите канадски увозни производи следниот месец и кој зборуваше за Канада како за 51-ва американска држава, е „против националниот интерес на Канада“, тврдат подносителите.
Технолошкиот милијардер, државјанин на Јужна Африка, Канада и САД, стана еден од највидливите сојузници на Трамп откако минатиот месец 47-миот претседател го започна својот втор мандат. „Тој го искористи своето богатство и моќ за да влијае на нашите избори. Сега стана член на странска влада што се обидува да го избрише канадскиот суверенитет“, велат подносителите на петицијата.
Како одговор на веста за петицијата, Маск на својата социјална мрежа Икс напиша дека „Канада не е вистинска држава“. Правен експерт за Си-ен-ен рекол дека канадската влада не може да му го одземе легално стекнатото државјанство на Маск, но авторот на петицијата вели дека петицијата треба да се гледа како „повик за одговорност“.
Маск, кој е роден во Јужна Африка, претходно изјави дека добил канадски пасош како тинејџер преку неговата мајка Маја Маск, која е родена во Канада. Милијардерот подоцна доби американско државјанство, една деценија по пристигнувањето во САД со студентска виза.