среда, 29 јануари 2025

Мароко спречи терористички заговор, уапсени 4 осомничени екстремисти

Централното биро за судски истраги на Мароко, следејќи ги точните разузнавачки информации на Генералниот директорат за територијален надзор, во неделата успешно спречи непосреден терористички заговор. Терористичкиот план, кој бил во подготвителна фаза, вклучувал извршување на експлозивни напади.

Објавено на

часот

Сподели

Координираната операција на специјалните сили на Генералниот директорат за територијален надзор, офицерите на Централното биро за судски истраги, воздушната бригада и Судскиот центар на Кралската жандармерија приведе четворица осомничени екстремисти, меѓу кои и тројца браќа, сите поврзани со терористичката група ИСИС. Осомничените, на возраст од 26, 29, 31 и 35 години, оперирале во областа Хад Суалем во провинцијата Беречид, се вели во соопштението на Централното биро за судски истраги.

Цел на операцијата биле две локации: домови во населбите Ал Омране и Ал Амал во Ал Вахда, Хад Суалем. Во операцијата за разбивање на терорирстичката група беа вклучени специјалисти за откривање експлозив, кучиња трагачи и хеликоптер на Кралската жандармерија кој обезбедуваше воздушна поддршка.

За време на претресите властите заплениле низа предмети, меѓу кои ножеви, шишиња со хемикалии, големи количини хемиски ѓубрива, сулфур, јаглен во прав и други сомнителни материи, како и електрични жици, алатки за заварување и лепливи ленти, кои може да се користат за производство на експлозиви. Овие предмети се предадени на форензичари за детална анализа.

Истрагите започнаа откако Генералниот директорат за територијален надзор откри видео на кое се гледаат осомничените како се заколнуваат на верност на ИСИС и ветуваат дека ќе извршат терористички напади. Дополнителните разузнавачки информации открија дека групата посетила четири продавници за хардвер во областа Хад Суалем истиот ден, купувајќи хемикалии кои вообичаено се користат за правење експлозиви. Тие ги складирале овие материјали во домот на еден осомничен и почнале да експериментираат со склопување на експлозивни направи.

Откриено е и дека двајца од браќата вршеле извидувачки мисии и документирале потенцијални цели со фотографии и видеа за да ги поддржат нивните планови. Доказите сугерираат дека осомничените имале намера да извршат бомбашки напади и потоа да се приклучат на камповите на ИСИС во регионот Сахел.

Четирите лица сега се во притвор, а истрагата ја надгледува јавниот обвинител специјализиран за случаи на тероризам. Властите имаат за цел да ги откријат врските што оваа ќелија може да ги има со регионални или меѓународни терористички организации и да ги идентификуваат и фатат сите преостанати членови на групата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ