сабота, 22 февруари 2025

Марко Рубио: Нема средба Путин-Трамп без напредок за Украина

Можен состанок меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин „во голема мера ќе зависи од тоа дали можеме да постигнеме некаков напредок во завршувањето на војната во Украина“, рече американскиот државен секретар Марко Рубио.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Рубио вчера потврди дека во вторникот во Саудиска Арабија разговарал за таква средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, порачувајќи ѝ на руската страна дека „нема да има средба додека не дознаеме за што ќе биде средбата“.

„Единственото нешто за што се договоривме е дека ќе разговараме за мир. Нивните понуди, на што се подготвени да се согласат, на што се подготвени да размислат ќе одреди дали се сериозни во врска со мирот или не“, рече Рубио во интервју емитувано на Икс. „Сè уште не сме во таа фаза“, додава тој.

Соединетите Држави обезбедија воена помош од десетици милијарди долари за Украина за време на војната, а Трамп рече дека американските инвестиции во украинските минерали би можеле да обезбедат „дека тие пари ќе ги вратиме во некоја форма“.

„Претседателот Трамп е многу лут на претседателот Зеленски“, рече Рубио. „Ние се грижиме за (Украина) бидејќи има импликации за нашите сојузници и за самиот свет. Тука треба да има одредено ниво на благодарност“.

Вашингтон, исто така, врши притисок врз Киев брзо да преговара за договор за отворање на природните ресурси на Украина за американски инвестиции.

Рубио разговараше со Зеленски и американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс на состанокот во Минхен минатиот петок. „Ние им објаснивме: „Видете, сакаме да бидеме во заеднички потфат со вас, не затоа што се обидуваме да ви ја украдеме земјата, туку затоа што мислиме дека тоа е всушност гаранција за безбедност, бидејќи сме ваш партнер во важен економски потфат“, ѝ рече Рубио на новинарката во интервјуто.

Ова доаѓа во време на продлабочување на јазот меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Трамп во средата го осуди Зеленски како „диктатор без спроведени избори“ откако Зеленски рече дека Трамп е заробен во руски балон на дезинформации, одговор на американскиот претседател кој сугерираше дека Украина ја започнала војната.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ