среда, 23 октомври 2024
Интервју со генералната директорка на Макстил

Марија Дуковска: Расте побарувачката по зелен челик

Во моментите кога очекувавме помош од Владата, се соочивме со уште поголеми предизвици кои го обременија нашето работење. Макстил беше една од првите компании кои го платија солидарниот данок, но сепак, сметаме дека оваа мерка влијае многу дестимулативно на плановите за идните инвестиции, што од друга страна потенцијално го попречува економскиот раст и создавањето нови работни места и во крајна линија потенцијално влијае на нарушувањето на конкурентноста на успешните компании, вели во интервјуто за МКД.мк генералната директорка на Макстил Марија Дуковска-Павловска.

Објавено на

часот

Сподели

Екологијата е секогаш жешко прашање за компаниите од оваа индустрија. Макстил последниве години, барем според официјалните податоци направи голем исчекор во еколошките стандарди. Што е тоа што е преземено од ваша страна? Може ли една ваква тешка индустрија да биде „еколошки чиста“?

Макстил во последниве неколку години направи значителен напредок во делот на заштитата на животната средина. Не само преку имплементација на повеќе проекти и иницијативи, туку и со воспоставување на целосен систем за управување и сеопфатна политика за животната средина. Во овој системски пристап имаме целосна усогласеност со сите релевантни прописи, вклучително и подобрувањето на нашите еколошки перформанси.

Како компанија целосно го оптимизиравме процесот за управување со отпад. Како една од најзначајните инвестиции во овој дел е секако поставувањето на најмодерна филтер постројка за целосно елиминирање на загадувањето на воздухот. Извршена е комплетна модернизација на производствените капацитети со енергетски ефикасна опрема, технологии и спроведување практики за управување со енергијата.

Во целиот процес се вклучени и вработените, кои, исто така земаат учество во низата активности за едукација и подигање на свесноста за заштита на животната средина.

Слободно може да кажам дека компанијата е една од првите која транспарентно известува и ги објавува податоците за емисиите во воздухот. Знаеме дека индустријата се движи кон поодржлива иднина кога нејзините производи се зелени. Челикот може да биде „зелен материјал“ доколку се произведува на одржлив начин. Преку комбинација на почисти технологии, ефикасност на ресурсите, одговорно управување со отпадот и зголемено потпирање на обновливите извори на енергија, влијанието на челичната индустрија врз животната средина може значително да се намали. Нашата посветеност кон континуирано подобрување и инвестирање во иновативни технологии нѐ позиционира и ни помага за добро да се справиме со предизвиците на еколошката одржливост во челичната индустрија.

Вашиот бизнис во голем дел зависи и од железничкиот транспорт. Вакви компании се дел од главните коминтенти на секоја железница. Во еден период вие бевте и подготвени да вложите во опстанокот и развојот на Македонски железници. Што се случува на тој план? Колку вашиот бизнис зависи од тоа? Имате ли алтернатива? 

-Работењето на Макстил во голема мера е зависно од работењето на железницата како во делот на набавките на влезните материјали, така и во делот на испораките на лимовите. Околу 80 отсто од набавките на суровините како и испораките на лимовите се врши преку железнички транспорт. Зависни сме од железници во нашата работа и поради тоа сакаме да имаме стабилност и сигурност во овој сегмент. Затоа за поздравување е донесувањето на новиот Закон за либерализација на железнички сообраќај. Секоја конкуренција ќе донесе нивелирање на цените, подобар квалитет и со тоа ќе имаме можност самите да избереме партнер за соработка. Со внесувањето на конкуренција во овој сегмент придобивки ќе имаат сите.

Актуелно беше и прашањето за данокот на солидарност. Макстил беше меѓу првите компании кои го платија овој данок. И покрај тоа што компаниите, стопанските комори, експертите беа против воведувањето на ваков данок, власта го донесе. Како го толкувате ваквото однесување на власта, која секогаш сака да нагласи дека го слуша гласот на бизнисот?

-Одлуката на македонската влада да го спроведе данокот за солидарност и покрај противењето на бизнис заедницата предизвика големо незадоволство кај деловните субјекти, кое во повеќе наврати беше јасно изразено преку повеќе различни инстанци. Сепак, во моментите кога очекувавме помош од Владата, ние се соочивме со уште поголеми предизвици кои го обременија нашето работење. Макстил беше една од првите компании кои го платија солидарниот данок, но сепак, сметаме дека оваа мерка влијае многу дестимулативно на плановите за идните инвестиции, што од друга страна потенцијално го попречува економскиот раст и создавањето нови работни места и во крајна линија потенцијално влијае на нарушувањето на конкурентноста на успешните компании.

И покрај ковид-кризата и кризата предизвикана од настаните во светот, Макстил финансиски добро помина овие години. Што се случува на светскиот пазар и што е она што ве одржа на пазарот во една ваква ситуација?

-Главна карактеристика на глобалниот пазар на челик во изминатиот период беше зголемената побарувачка поттикната од неколку фактори, како што се инвестициите во инфраструктурни проекти, стимулативни пакети за поддршка на инфраструктурата во одредени држави, како и се поголемите потреби за инвестирање во проекти за производство на обновлива енергија – зелени проекти. Бевме сведоци дека како резултат на пандемијата, а потоа и на воениот конфликт, настанаа прекини во синџирот на снабдување и се зголемија трошоците на суровините и енергенсите, кои од своја страна неминовно влијаеа на зголемувањето на трошоците и на цените на челикот. Неизвесната економска клима, од своја страна ги принуди компаниите да се фокусираат на оптимизација на трошоците во работењето и подобрување на ефикасноста на производните процеси.

Ние сме компанија што има искуство со разни кризи и благодарение на одличната организација успеавме да се справиме со предизвиците и соодветно да го адаптираме производството на променливите пазарни услови што резултираше со зголемување на профитабилноста. Пазарот за челични производи (особено топловалани дебели лимови) е стабилен. Најголем производител е Кина, но не извезува ни 3% од производството. Во Европа продолжува трендот на финансирање на инфраструктурните проекти, но во исто време проблем е намалување на производството на челик. Поради тоа имаме зголемена побарувачка, така што минатата година постигнавме рекорд во производството по 10 години работа. Испораките и натаму се насочени претежно за бродоградбата и индустријата на заварени конструкции, а дестинациите се Италија, Германија, Турција и земјите од Источна Европа (Чешка, Романија, Полска и Унгарија). На македонскиот пазар и натаму побарувачката се намалува бидејќи крајни корисници речиси и нема. Србија, Босна и Хрватска постојано ја зголемуваат количината на нарачани лимови. Во моментов цените на природниот гас и електричната енергија се стабилни, што не може да се каже и за цената на старото железо, која бележи нагорен тренд.  Челичарницата планираме да работи континуирано, бидејќи увозот на слабови е неизвесен, а на 30 септември стапува забрана за увоз на руски слабови во земјите на Европската Унија, што дополнително ќе ја намали понудата на лимови. Транспортните проблеми се константни, особено со железницата, но освен во одредени ситуации  не влијаат суштински на испораките на нашите производи.

Сега компаниите во Македонија се соочуваат со проблем да најдат кадри за работа. Оваа состојба не беше таква пред две години, односно пазарот на трудот е значително сменет последните две години. Тоа е наш следен предизвик, да ги имаме најдобрите кадри во нашата компанија.

Многу често со Макстил се споменува и општествената одговорност, грижа за околината, за заедницата и за вработените. Каква е општествената улога на Макстил и каде треба да се дејствува?

-Макстил е компанија што сака да врати во заедницата каде работи. Концептот за општествена одговорност е еден од темелите на компаниската визија и мисија на корпорацијата ДИТХ каде припаѓа Макстил.

Општествено одговорна компанија значи одговорност на секое поле. Преку заштита на животната средина, преку менаџирање со отпадот и одржливото управување со ресурсите, па се до спроведувањето на безбедносни протоколи и инвестирањето во програмите за благосостојба на вработените.

Како една од најголемите компании и предводник во челичната индустрија во земјава, во Макстил станува актуелен фокусот што се уште не е толку раширен во деловниот сектор – односно ориентираност кон имплементација на еколошки, социјални и управувачки практики, (ESG – environment, social, governance) како резултат на следење на светските трендови и издигнување на стандардите за корпоративно управување? Што точно значи ова и какви промени планира Макстил во оваа насока?

-Ова е глобален тренд. За многу брзо време ќе се соработува со компании кои имаат силни ESG практики, додека пак потрошувачите, исто така се повеќе избираат „зелени производи“ произведени од компании кои се посветени на одржливост.

Во делот на екологијата Макстил има спроведено неколку мерки за намалување на влијанието врз животната средина, како што се инвестирање во енергетски ефикасни технологии, намалување на создавањето отпад и користење на рециклирани материјали, односно успешна примена на концептот на циркуларна економија. Во делот на социјалните принципи, компанијата е посветена на поддршка на своите вработени и подобрување на нивната благосостојба, преку програми како што се иницијативи за обука и развој, програми за зголемување на здравјето и безбедноста на вработените и активности за уште поголемо вклучување во заедницата. Во однос на управувањето имаме едностепен орган на управување, Одбор на директори со независни членови, со јасни етички и транспаренти политики и практики за известување. За важноста од имплементирање на овие практики говори и формирањето на ESG комитет, како и дополнителното зголемување на транспарентноста преку воспоставување на независна линија за пријавување на неетичко работење. Овие принципи на работа, како компилација од етички норми, корпоративниот свет ги сфаќа многу сериозно затоа што начинот на работа на една компанија и производот што го пласира се одразува врз општествената улога на друга компанија.

Идните планови на Макстил во врска со ESG вклучуваат поставување конкретни и мерливи цели кои ќе обезбедат јасен патоказ за мерење на напредокот и обезбедување континуирано подобрување. Транспарентното известување за напорите за ESG ќе биде од клучно значење за демонстрирање на посветеноста и градењето доверба кај засегнатите страни. Во основата на сето ова, фокусот на Макстил на ESG практиките е стратешки приоритет, што ќе ја позиционира компанијата кон долгорочен успех на конкурентниот и сè поеколошки и социјално свесен глобален пазар.

Кои се вашите наредни планови и предизвици? Кои делови од светските пазари се отвораат или затвораат за вашите производи?

-Како главни предизвици за наредниот период можат да се издвојат нестабилноста на глобалниот пазар на челик и флуктуациите на цените на челикот. Геополитичките тензии и непредвидливоста во однос на транспортот и понатаму се фактор кој влијае врз глобалните синџири на снабдување, и оттука негативно да влијаат врз финансиската стабилност и плановите за раст во нашата индустрија. Пронаоѓањето и задржувањето на квалификувана работна сила и понатаму останува како еден сериозен и континуиран предизвик. Сепак сме компанија којашто има одлични услови со дополнителни бенефиции за вработените и можности за професионално надградување во склоп на групациското знаење и искуство во оваа индустрија.

Воведувањето строги еколошки регулативи може да бара поскапи инвестиции во технологии за намалување на емисиите и прилагодување на производните процеси. Одредени региони може да ја ограничат побарувачката на челик со традиционални методи за производство, како на пример производството на челик во високи печки, кое поради речиси двојно поголемото загадување во споредба со производството со Електролачна печка, полека треба да се прилагоди на новите барања за намалување на јаглеродната емисија, што секако претставува предност за компаниите како Макстил. Воспоставувањето на регулативата за „Прекуграничен механизам за прилагодување на јаглеродни емисии“ (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM), чија основна цел е спречување на  протекување на јаглеродните емисии т.н. (carbon leakage), значи воведување на потребните методи и начини за мерење на јаглеродниот отпечаток и подготовка за рамноправен настап на европските пазари и усогласување со Емисиониот трговски систем на ЕУ.

Зголемената свест за прашањата за одржливост ја поттикнува побарувачката за зелен челик и етички произведени производи. Компаниите кои ја прифаќаат одржливоста можат да стекнат конкурентна предност и да привлечат одговорни инвеститори. Патот кон одржлива иднина за челичната индустрија не е без пречки, но потенцијалните награди се огромни. Преку прифаќање на иновациите, ставање приоритет на одговорноста за животната средина и соработка меѓу засегнатите страни, индустријата може да се трансформира во движечка сила за позелена и поправедна иднина.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ