На дневен ред на седницата се предлог одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието, како и предлог законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, по скратена постапка, предложен од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Во тек на утврдување на дневниот ред не беа прифатени барањата на пратениците Сашко Јанчев од Левица и Оливер Спасовски од СДСМ да се повлечат предложените измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Спасовски, образложувајќи го барањето рече дека не е дозволено по скратена постапка да се носи системски закон.
„Сакам да го изразам ставот на пратеничката група на СДСМ, дека не е дозволиво системски закон да се носи по скратена постапка, посебно закон којшто уредува зголемување на бројот на министерствата и агенции и нема ниту проценка на влијание на регулативата. Не навлегувам во аргументите, предлогот, легитимноста, ама тука апсолутно станува збор за сложен и обемен закон спротивен на деловникот и ние гласаме за симнување на оваа точка од дневниот ред“, рече Спасовски.
Амар Мециновиќ од Левица во изјава за медиумите рече дека Мицкоски не го испочитува собранискиот деловник и спротивно на праксата за добро работење на Собранието синоќа, еден час пред полниоќ, го доставил текстот на предлог законот.
Според него, покрај прекршување на Деловникот ова покажува и несериозност во поглед на ваква обемна материја, но, вели, е во директна корелација со тоа што го изнеле како став кога првично текстот се доставил до пратениците.
„Покрај прекршување на деловникот ова покажува и несериозност како во поглед на ваква обемна материја и така и во поглед на пратениците“, рече Мециновиќ и потсети на условот од Левица за гласање на предлогот на мандатарот.
„Една изборна единица е и предлог на ОБСЕ/ОДИХР, тоа воопшто не е обемен материјал и за такво законско решение е многупати разговарано. Тоа ќе биде праведно законсо решене за да не се губат гласови од граѓаните, а партите да не бидат оштетени со изборните резултати“, рече Мециновиќ.
Предлог-законот накусо пратеничката група на владејачката партија го повлече заради технички пропуст и го врати во процедура.
Претседателот на Собранието Африм Гаши рече дека расправа ќе има кога ќе се создадат деловнички можности.