„Очигледно е дека и сега се тие опции валидни, сега станува уште пожешко, меѓутоа мислам дека сѐ ова е само еден дел од ПР стратегијата да се направи што повеќе притисок за да поминат уставните измени, односно за да се покаже дека некоја втора опција би била полоша од оваа. Она што е јасно е дека ние практично ги немаме изменето, ниту дискутирано тие опции. Бидејќи и оваа прва опција, како што предупредивме многу пати до сега, уште во 2020 година со нашите пишани документи не водеше кон еден пат на реформи и пристапување кон ЕУ, кој што може да гарантира и стабилност и просперитет и реално пристапување. Значи процесот беше изместен од старт, така што и сценарио А и сценарио Б во моментот се за жал негативни сценарија. Мора итно да има и трето кое што ќе се потпира на некои малку поконсолидирани темели и поширока поддршка од јавноста и од граѓаните. Бидејќи видовме дека за оваа опција се уште нема поддршка кај мнозинството. Не што нема, туку има постојано едно високо ниво на отпор кон ова сегашно сценарио“, оценува Малинка Ристевска Јорданова од македонскиот тинк-тенк Институт за европска политика.
Таа појасни дека уставните измени не се во преговарачката рамка, туку во заклучоците на советот, а во политиката ништо не е неменливо.
„Постојано се кажува само ова да го направиме и отворен ни е патот, скоро па и членка ќе станеме, не само отворен, туку и до крајот на патот сме стигнале. Значи, следната лага во оваа приказна е дека кога ќе ги усвоиме уставните амандмани, дека ние ќе ги отвориме кластерите. Тоа не е точно, има тука меѓучекори, кога тоа ќе заврши тогаш дури почнува процесот, извештајот од скринингот треба да дојде, па треба да се постават одредници, тоа се патоказите, па дури кога ќе се задоволат со тие одредници дури тогаш може да се отворат поглавјата. Значи тоа се уште три, четири меѓучекори тука“, појасни Ристевска Јорданова.
Таа тврди дека секој следен чекор е политичка одлука, иако има и одредени технички прашања во врска со оценките за исполнувањата. За пример ги посочи случаите на Црна Гора и Србија, каде за Подгорица процесот до отварањето на поглавјата траеше година дена, а за Белград двојно повеќе, и тоа во ситуација во која Европската Комисија имаше поголема улога во тоа дали се одредниците исполнети.
„Сега е пополитизиран процесот, повеќе се вклучени државите членки, во ситуација кога тие ги немаа овие услови поставени од Бугарија кои што директно задираат во кластерот темели и Бугарија успеа практично да ги внесе во акцискиот план за малцинствата. Моја претпоставка е дека кај нас процесот ќе биде многу посложен и ќе трае многу повеќе време, бидејќи тука веќе Бугарија има улога“, смета таа.
Јорданова додава дека притисокот кој доаѓа од надвор за усвојување на уставните измени е со цел да тие да се направат пред членството, затоа што како членка на Унијата таквото барање и притисок би бил невозможен поради еден од основните принципи на ЕУ, почитувањето на уставниот поредок на државите.
„Токму еден од предлозите кои беа во тој заеднички документ со Институтот за демократија беше барем ако веќе договараа уставни измени, тоа да влегуваше во сила кога ние ќе станеме членка на ЕУ, за да го нема овој притисок во време на пристапувањето. И да не биде тоа главното прашање на пристапувањето. Бидејќи пристапувањето треба да биде реформа. Ние сега ја немаме реформата на преден план, ние ја имаме Бугарија и за жал тоа нема да застане со уставните измени, туку само ќе зајакнува и цело време ќе ја имаме билатералата на преден план, а не суштината и усвојувањето на стандардите на ЕУ“, смета Ристевска Јорданова.