среда, 11 декември 2024

Макстил – едукација на основците за рециклирање на отпадот

Како дел од проектот на Макстил „Инвестираме во нашата планета“ се спроведе едукација на основците на тема „Учиме да се грижиме да ја заштитиме животната средина и да го намалиме и рециклираме создадениот отпад“. Вкупно 870 ученици од 8 основни училишта од Општина Аеродром, од технолозите и инженерите од Макстил учеа за опасностите од создадениот отпад од пластика, хартија и стакло, и како да влијаеме на намалувањето на отпадот. Преку интерактивен метод и со показни средства на учениците им беше објаснет процесот и различните начини на рециклирање, како и потенцијалните опасности од создадениот отпад по растителниот и животинскиот свет, а посебно за опасностите по здравјето на човекот.

Објавено на

часот

Сподели

Целта на проектот е да се пренесе знаењето за предностите од рециклирање уште од мала возраст и да се алармира за потребата од едукација за екологијата во пошироки размери.

„Нерационалната употреба на природните ресурси, загадувањето на животната средина и сите еколошки проблеми што произлегуваат од непосредната употреба на разни ресурси, се во центарот на интересот на Макстил и причина за којашто се спроведува овој проект.  Макстил е активен чинител во циркуларната економија, кој како главна суровина во процесот го користи старото железо. Во оваа прилика преку експертизата на нашите инженери и технолози, насочена кон подигнување на свеста и вклучувањето на граѓаните може многу да се пренесе со вредни знаења за заедничката улога во спречувањето на создавањето и намалувањето на отпадот. Едукацијата на најмладите преку непосреден контакт се покажа како многу ефективна и учениците се повеќе ја прифаќаат идејата за личното влијание и придонесот кон заштитата на животната средина. На овој начин, со едукација и презентација на проблемот веруваме дека како компанија можеме во голема мера да влијаеме при зголемување на свесноста за еколошките закани“, велат од Макстил.

„Инвестираме во нашата планета“ е долгорочен проект, со којшто се опфатени повеќе активности поддржани и иницирани од Макстил, а поврзани со заштита на животната средина. Дел од овој проект е и натпреварот на кој учениците преку креативно ликовно изразување ги искажаа своите размислувања за личниот придонес и како треба да изгледа инвестирањето во заштита на планетата. Во комисијата за избор на наградените детски цртежи е вклучен и Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

Досега со проектот се опфатени учениците од основните училишта во Општина Гази Баба и Општина Аеродром, а за почетокот на второто полугодие планирано е вклучување и на другите општини од Град Скопје.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ