Димитриевски на денешната прес-конференција пред седиштето на движењето ЗНАМ-За наша Македонија во Скопје, рече дека за неполн месец се соочил со две обвиненија, а со притисоци се соочувале и вработени во јавна и државна администрација, како и граѓани од ниски социјални слоеви.
„Тоа се непринципиелни методи, обиди за притисоци од аспект на вработени во јавна и државна администрација, дополнително луѓето од ниските социјални слоеви добиваат непристојни понуди нешто што и во минатото се случувало, а кога станува збор за мене ќе поставам само прашање – дали имало до сега случај во државата било кој од досегашните претседателски кандидати во неполн еден месец против него да бидат поднесени две обвиненија и да биде повикан два пати пред јавен обвинител и еднаш пред надлежен суд, а следно рочиште е закажано за 30 април во текот на кампањата?! Тоа е дополнителен притисок кон мене. Целта е да ме одвратат од намерата во мојата борба заедно со граѓаните да ги смениме нештата во нашата напатена Македонија и дополнително да ми одземе време да не можам да се посветен на изборниот процес и да ја презентирам програмата“, појасни тој.
Димитриевски рече дека и покрај притисоците ќе продолжи и понатаму со позитивната кампања, како и да го дава својот максимум.
„И покрај притисоците јас ќе продолжам да го давам својот максимум, да ја презентирам својата програма во целост пред граѓаните. Успеавме да посетиме голем број на места и градови во државата, сретнавме луѓе кои даваат огромна поддршка на ЗНАМ и на мене како претседателски кандидат. Денеска ќе бидеме тука во Карпош и Центар и ќе оствариме средби со граѓаните. Во таа прилика покрај скромниот промотивен материјал ќе им ја доставиме и нашата предизборна програма, а верувам дека до крајот на кампањата ќе успееме да го посетиме секој дом и да ги увериме граѓаните дека нештата во Македонија можат да бидат поинакви“, изјави Димитриевски.