четврток, 6 март 2025

Макрон: Руската закана ги погодува сите европски земји, не само Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа, во јавното обраќање пред денешниот самит на Европската Унија, рече дека влегуваме во нова ера, бидејќи ако нападот на една држава врз соседот може да помине неказнето, никој повеќе нема да може да биде безбеден.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Руската закана е реална и таа ги погодува сите европски земји, а не само Украина, рече Макрон, додавајќи дека Русија прави сѐ што може за да ги надополни резервите на оружје и да ги зголеми трошоците за одбрана.

„Би било лудо само да гледаме и да не правиме ништо“, рече Макрон.

Тој посочи дека Русија ги прекршила претходните ветувања и гаранции, порача дека Европа мора да се подготви и повтори дека Франција е спремна да испрати свои војници во Украина како мировна мисија во случај на прекин на огнот.

„Сакам да верувам дека Соединетите Американски Држави ќе продолжат да бидат со нас, но мора да бидеме подготвени на тоа дека нема да бидат“, рече Макрон.

Зборувајќи за денешниот состанок на Европскиот совет, Макрон рече дека тоа ќе биде одлична можност европските земји да се посветат на зголемување на инвестициите во одбраната.

„Франција мора да го признае својот специјален статус, бидејќи ја имаме најделотворната и најефикасна армија во Европа“, рече Макрон, потсетувајќи дека Франција поседува нуклеарно оружје.

Макрон оцени дека Франција е уникатно позиционирана во Европа, благодарение на нејзината способност за нуклеарно одвраќање и дека е отворена за разговори за проширување на таа заштита на европските сојузници, но рече дека конечната одлука за нуклеарното оружје останува во рацете на францускиот претседател.

Францускиот претседател зборуваше и за одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царини за Канада, Мексико и Кина и рече дека Европа мора да биде подготвена да реагира доколку оваа давачка ѝ се воведе и на Европската Унија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ