вторник, 25 февруари 2025

Макрон објави кога може да дојде до прекин на огнот во Украина (ВИДЕО)

Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа изјави дека прекинот на огнот меѓу Украина и Русија може да биде договорен во наредните недели.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во интервју за Фокс њуз по средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, Макрон рече дека разговарал со европските лидери и дека многу од нив се подготвени да дадат безбедносни гаранции. Францускиот претседател изјави и дека САД не можат истовремено да водат трговска војна со Кина и Европа.

Пред интервјуто за Фокс њуз, Макрон одржа заедничка прес-конференција со Трамп во Белата куќа. Трамп првично го нарече Макрон свој пријател и рече дека е среќен што повторно го пречекува во Белата куќа.

„Целта на нашата денешна средба е да ставиме крај на уште една битка, навистина ужасна, нешто што не сме го виделе од Втората светска војна“, рече Трамп. Доналд Трамп потоа се сврте кон финансирањето на војната во Украина, тврдејќи дека „трошокот и товарот“ не треба да паѓаат само на САД.

„Задоволен сум што Макрон се согласува дека трошокот и товарот за обезбедувањето на мирот мора да ги сносат европските нации, а не само САД, и дека Европа мора да преземе централна улога во обезбедувањето на долгорочната безбедност на Украина, што сакаат да го направат“, рече тој.

Американскиот претседател го повтори тврдењето дека Америка ѝ помогнала на Украина многу повеќе од која било друга земја. Тој, исто така, повтори дека војната во Украина никогаш не требало да започне и рече дека ќе спречи Трета светска војна.

„Имаме нов пат кој промовира мир низ целиот свет“, рече Трамп. „Моето најголемо наследство е да бидам миротворец“, рече тој.

Макрон потоа зеде збор. Тој првично рече дека со Трамп „постигнале значителни чекори напред“ за време на разговорите. „Има многу предизвици во светот, во последните денови фокусот ни беше на геополитичките прашања“, рече Макрон и му се заблагодари на Трамп што го прими.

Тој ја пофали храбрата борба на Украинците во војната со Русија и рече дека Франција и САД имаат заедничка цел да градат мир. Макрон рече дека сака да ги обедини сојузниците и да постигне мир во Украина и дека мирот треба да го обезбеди суверенитетот на Украина.

„Овој мир не смее да значи капитулација на Украина или прекин на огнот без гаранции, тој мора да овозможи украински суверенитет и да ѝ дозволи на Украина да преговара со другите страни за прашања што ја засегаат. Мораме заедно да ги преземеме нашите одговорности за да ја осигураме безбедноста и стабилноста на Украина и на целиот регион“, рече тој, додавајќи дека за Европејците ова е егзистенцијално прашање.

„Знаете какво пријателството изразив кон вас. Европа е подготвена да направи уште повеќе“, му рече Макрон на Трамп.

„Разговарам со Путин. Цел живот склучувам договори. Порано Русија не разговараше со никого, не возвраќаше на повиците и сите го прифатија тоа. Кога дојдов на функцијата, една од првите работи што ги направив беше да му се јавам на Путин, тоа беше со почит. Тој сака да стави крај на оваа војна. Работиме на договори, од кои еден е да се запре војната“, рече Трамп како одговор на едно од прашањата.

„Навистина верувам дека Путин сака да постигне договор. Можеби грешам, но мислам дека го сака тоа“, одговори Трамп на едно од прашањата.

Макрон рече дека Трамп потврдил дека наскоро ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски за договорот за минерали и дека тоа е важен дел од договорот.

Францускиот претседател исто така рече дека ЕУ и САД ќе дадат гаранции за имплементација на договорот што ќе го потпишат Украина и Русија со испраќање војници како мировници, но не во првите редови и окупираните области, туку како поддршка за спроведувањето на договорот меѓу Зеленски и Путин. Тој рече и дека таква определба од Западот немало во 2014 година. „Ова е пресвртница“, рече Макрон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ