Плановите ја вклучуваат канадската инвестициска компанија Брукфилд со инвестиција од 20 милијарди евра и финансирање од Обединетите Арапски Емирати кое би можело да достигне 50 милијарди евра во наредните години, соопшти кабинетот на Макрон.
Елисејската палата соопшти дека инвестицијата од Емиратите ќе вклучува финансирање на центар за податоци од еден гигават. Весникот Ла трибјун де диманш објави дека најголемиот дел од инвестицијата на Брукфилд ќе оди во центарот за податоци.
Вештачката интелигенција бара огромни количини енергија за напојување на огромни центри за податоци, а Европа се бори да ја задоволи идната побарувачка.
Минатиот месец, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека компаниите Опен АИ, Софтбанк груп и Оракл ќе инвестираат 500 милијарди долари во инфраструктура за вештачката интелигенција во следните четири години за да им помогнат на САД да останат пред Кина и другите ривали во глобалната трка за вештачка интелигенција.
Големиот акциски самит за вештачка интелигенција во понеделник и вторник во Париз ќе собере бројни шефови на држави или влади, меѓународни организации, технолошки компании и научници кои ќе се обидат да постигнат глобален консензус за етичкиот развој на вештачката интелигенција во корист на општото добро.
Минатиот месец донесе потрес на полето на вештачката интелигенција кога кинеската компанија Дипсик го претстави својот модел на вештачка интелигенција, сличен на ЧетГПТ, кој бил развиен по драстично помали трошоци. Компанијата објави дека потрошила само 5,6 милиони долари на компјутерски ресурси за својот основен модел. Во исто време, американските компании како Опен АИ, Гугл и Мета инвестираат милијарди во развојот на вештачката интелигенција.