Во Крива Паланка ќе се одржи осмата работилница за родители во рамки на кампањата „Крени глас против врсничко насилство“. Претходно беа организирани вакви средби и во Штип, каде што имаше учесници и од Свети Николе, потоа во Кисела Вода, Карпош, Аеродром, Центар, Куманово, како и во Кочани, која беше наменета и за граѓани од Виница и од Берово.
Овие настани имаат едукативна цел, односно преку нив родителите имаат можност да ги прошират своите знаења за врсничкото насилство. Исто толку значајно е што работилниците се и своевидна платформа преку која можат да се споделат искуства и конструктивно да се разменат мислења. Со ваквата комуникација родителите даваат свој придонес за подобрување на ситуацијата со проблемот со булингот. Дел од овие работилници се и членови на стручните служби на основните училишта.
Интернет-страницата kreniglas.mk е носечка платформа на општествено одговорната кампања на „Макпетрол“. На овој вебсајт има најразлични информации и насоки за тоа како да се препознаат и како да се постапи во случаи на физичко, вербално, психичко, социјално и сајбер-насилство, кои се најчести форми на булинг. Освен едукативна улога, веб-страницата е и место каде што секој може анонимно да сподели искуство поврзано со врсничкото насилство. Вебсајтот содржи и прирачници за ученици, наставници и за родители, кои компанијата ги испечати и достави во општините.
„Макпетрол“ во првата фаза од општествено одговорната кампања организира работилници во повеќе од 150 училишта. Фокусот на овие едукативни средби беа учениците. Тие, заедно со психологот, ги продлабочија своите познавања за проблемот со врсничкото насилство. Овие работилници се одржаа во основните училишта од 26 општини со кои што македонската компанија потпиша меморандуми за соработка и кои директно се вклучија со поддршка на кампањата.
Клучен стратешки приоритет на „Макпетрол“ е општествената одговорност. Една од формите преку кои што компанијата ја реализира оваа цел е токму кампањата „Крени глас против врсничко насилство“. Значаен дел од општествено одговорните активности на „Макпетрол“ и во иднина ќе бидат младите, односно креирањето можности за тие да ги развијат своите таленти и потенцијали.