Во повеќето честитки е и онаа на Федералната унија на европските националности (ФУЕН), каде друштвото е полноправна членка од 16 мај 2015 година.
„Среќен роденден на Македонско друштво Илинден-Тирана, организација членка на ФУЕН. Формирано е пред 16 години со цел да го заштити и афирмира етничкиот, јазичниот, културниот, верскиот, историскиот идентитет на македонското национално малцинство во Република Албанија. Посакуваме понатамошна активност во интерес на македонското малцинство и продолжување на плодната соработка“, се вели во честитката од ФУЕН.
Во исто време изразува благодарност за доделената почесна награда „Илинден“, што годинава друштвото и ја додели на унијата.
„Во знак на признание за нашата заедничка посветеност кон малцинските заедници, чест ни е да ја примиме награда „Илинден“ за 2025 година. Нашата искрена благодарност до претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај и неговиот тим за ова значајно признание. Нека вашата значајна работа продолжи уште многу години, пишува во честитката на ФУЕН.
По повод одбележувањето на денот на формирањето друштвото освен почесната награда „Илинден“ додели и пет благодарници на поединци и институции, за „особени заслуги за ангажман и перманентните активности во насока на зачувување и одржување на македонскиот идентитет на припадниците на македонското национално малцинство во Република Албанија“.