„Она кое што е важно да се напомене, што впрочем го кажа еден од премиерите на земјите членки, е дека според него, кој присуствувал на многу од овие самити – овој бил самит на којшто најотворено најдиректно и најискрено се кажани работите и од лидерите на Западен Балкан, но и од лидерите на земјите членки на ЕУ. Такво беше и моето чувство. И во работниот дел, и на работната вечера, имаше неколку часа навистина многу отворена дискусија, многу отворени дебати, многу работи беа кажани, многу споредба со минатото. Еден друг, исто така влијателен премиер на држава, кажа дека и во 2004 година кога имаше голем бран на проширување на ЕУ, можеме да кажеме дека ниту една од тие земји коишто станаа членки не ги исполнуваа критериумите согласно поглавјата, согласно кластерите итн. Но постоеше храбра политичка одлука пакетот да се затвори, односно сите тие земји да станат членки на ЕУ. Па така и сега очекувам дека ќе се создадат услови за една храбра одлука од страна на ЕУ да можат сите земји од Западен Балкан наеднаш да бидат примени во рамките на ЕУ“, рече премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МРТ.
Тој додаде дека тоа што е многу важно за нас како држава, е што во ЕУ почнува да се слуша поинакво мислење од она понизно и вовлекувачко на владите во изминативе 7 години.
„Она коешто за нас е многу важно е дека напредувањето ќе биде по заслуги. Потенцирано е и во резолуцијата и во заклучоците. Она коешто за нас е важно е дека се слуша поинакво мислење од она што се слушало досега, односно понизно, снисходливо итн. вовлекувачко мислење, коешто поранешните влади во изминативе 7 години го правеле овде во Брисел, туку реално се соочуваме со проблемите и ги кажуваме оние наши стравувања и грижи. Се бара план. Тоа е она коешто мене ме прави задоволен“, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски потенцираше и дека како земја бевме пофалени и за Планот за раст, дека најквалитетно сме го завршиле нашето досие и дека доколку сè оди според планот, очекува првата транша да ја добиеме до крајот на годината.
„Од друга страна, тука го имаме Планот за раст. Пофалени сме како земја дека најквалитетно го завршивме нашето досие. Сега се чека сега одговор од Брисел на конечната верзија на законот којшто треба да помине во парламентот. И доколку ја добиеме таа верзија час поскоро, јас ги замолив нашите колеги коишто доаѓаат од нашето семејство Европската народна партија да ургираат во комисијата да се забрза тој процес. Веднаш штом го добиеме тој одговор и веднаш штом се ажурира конечната верзија на договорот, ние ќе го поминеме низ процедурите во нашиот парламент и очекувам до крајот на оваа година да ја добиеме и првата транша, или еве да речеме најдоцна во првата половина од месец јануари следната година. Но, оптимист сум дека тоа ќе се случи оваа година“, нагласи Мицкоски и додаде дека самите земји членки на ЕУ се изморени од објаснување зошто процесот за зачленување не треба да се билатеризира, туку да се европеизира.
„ Имаше многу конкретни работи. Имаше многу убави работи кажани, директно. Отворено се зборуваше и она што го носам како емоција, како чувство е дека навистина и самите земји членки се уморни да се објаснуваат зошто не треба да биде билатеризиран овој процес, туку треба да биде европеизиран. Така што можам да кажам дека сум задоволен од сето она што се случуваше вчера попладнето и денеска утринава на самитот ЕУ – Западен Балкан, којшто го организираше моето семејство, Европската народна партија“, заклучи Мицкоски.
Во однос на проблемот со Бугарија истакна неговата дискусија на самитот се водела од тоа дека потребно е решение кое ќе гарантира да го изодиме патот до крај, но преговори за идентитетски прашања не доаѓаат предвид, додека договорите со соседите треба да се читаат такви какви што се, бидејќи во двата ни ветуваат безусловна поддршка на патот кон ЕУ.
„Тоа беше мојата дискусија, и вчера, и денеска – дека билатералната соработка е клучна кога зборуваме за економска соработка, туризам, кога зборуваме за развој на ‘ноухау-вештини’, образование и тука тој процес има додадена вредност. Но доколку билатералните разговори и преговори се однесуваат на идентитетските прашања, тогаш тој процес никако не може да заврши успешно, бидејќи е поврзан со емоција“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде дека секој процес кој е поврзан со емоцијата тогаш не може да биде процес кој ќе се темели на напредок, квалитет на испорака, резултати.
„Затоа замолив емотивните билатерални прашања да ги оставиме настрана и да ги читаме правилно договорите. Не може за едниот договор да важи правилото ‘pacta sund servanda’, а за другиот да не важи. Што е заедничко за нив? Tоа е дека и едниот, и другиот договор велат дека земјите членки кои се втора страна (во едниот Грција, во другиот Бугарија), треба безусловно да нè поддржуваат. Никаде, посебно во Договорот за добрососедство, не стои реченицата или делот кој нас нè обврзува на уставни измени. Ајде правилно да ги гледаме работите, на вистината мора во очи да и погледнеме, не онака како што нас ни одговара и да покажуваме политички мускули и на тој начин да ги вртиме работите. Јас сакам да ги гледам работите такви какви што се. И едниот , и другиот договор ветуваа безусловна поддршка од нашите соседи за нашиот пат кон полноправно членство во рамки на Европската Унија“, рече премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека билатерална соработка за идентитетски прашања не доаѓа во предвид, затоа што тука има емоција, нема рационално.
„Никому не оспоруваме ништо и не сакаме нас да нè оспоруваат. Тоа е мојата порака и вчера, и денеска. Мојот многувековен идентитет е мој многувековен идентитет, мојот мајчин македонски јазик е мој мајчин македонски јазик кој има вековни корени. Кој било да отвори тема на овие прашања, тогаш тој не му мисли добро ниту на соседот, а уште помалку ги почитува европските вредности коишто велат ‘обединети во различностите’. Ценам дека направивме многу и тука. И ние како Влада, и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, и Министерството за европски прашања во изминатиов период, многу работевме за да можеме денеска отворено да ги зборуваме работите и да бараме решение, но не решение кое ќе не доведе да ја прескокнеме првата пречка, туку да го изодиме патот до крај. Веќе на секој му е јасно, ќе најдеме решение, а ние како влада сме подготвени да работиме колку што е потребно за да дојдеме до тоа решение“, изјави премиерот Мицкоски.