Горди сме што експедицијата ја оствари крајната цел и го развиори македонското знаме на највисокиот врв на јужната земјина полутопка.
Искачувањето поминало според зацртаниот план, по карпест терен и без многу снег, со минусни температури иако таму е лето, а на врвот ги дочекал убав сончев ден.
Тоа што на многу други планинари досега не им успеало и се откажале од искачување, нашите момци го исполнија и им честитаме на успехот, истакна Тошо Антов, претседател на ПСК „Осогово“.
Подготовките за реализирање на експедицијата во Јужна Америка, нашите планинари ги направиле во изминатите неколку месеци на домашни врвови, а поддршка им обезбедија матичните планинарски клубови и локалниот бизнис сектор.
Планинарот Николов минатата година беше дел и од експедицијата која за пет дена се искачи на петте највисоки врвови во Италија, Швајцарија и Словенија.