среда, 4 декември 2024

Македонската заедница во Чешка со ново раководство

Синоќа во Прага македонската заедница во Чешка се обедини со ново раководство кое ќе го предводи Коле Боровски, претседател на асоцијацијата Македонска мисла која ги опфаќа сите форми на културен живот во Чешка.

Објавено на

часот

Сподели

Настанот се одржува во рамките на одбележување на јубилејните 25 години од основањето на академско-литературно здружение Македонска мисла за кое зборуваше претседателот на заедницата Коле Боровски, еден од основачите на здружението.

Македонска мисла е граѓанска, неполитичка, добротворна и непрофитна асоцијација чии цели се промоција и афирмација на македонската култура, фолклор, јазик и историја и негување на македонско-чешките културни и пријателски врски.

Новото раководство го сочинуваат Коле Боровски, Димитар Кирјаковски, Горан Гацов, Јане Тонески и Никола Колароски.

Македонската заедница во Чешка едногласно почесното претседателско место му го додели на Димитри Кирјаковски, истакнат и прекален борец за правата на Македонците и еден од живите сведоци од Граѓанската војна во Грција и егзодусот на Македонците од Егејска Македонија.

Синоќа беше одржан и омаж за последниот претседател на заедницата Гоче Мирчевски (1935-2018) за кој зборуваа неговите пријатели, роднини и колеги.

Од 2012 година 1.000 семејства во Прага (Стрижков) живеат на улица „Македонска“.   
Именувањето на улицата претставува симбол на почитта на Чесите кон Македонците за нивниот придонес во чешкото општество.

Боровски е чешко-македонски полиглот, преведувач и активен лобист за Македонија кој живее и твори помеѓу Чешка и Македонија и претставник е на првата генерација Македонци родени во Чешка од родители (бегалци) од Егејскиот дел на Македонија.

Македонската заедница во Чешка

Македонската заедница во Чешка и нејзините активности со право можеме да ги датираме од средината на 1948 година со доаѓањето на децата-бегалци од Граѓанската војна во Грција и оттогаш наваму тие имаат континуиран богат културен живот организиран во бројни здруженија кои биле активни по неколку децении, но во меѓувреме некои од нив згаснувале или биле повторно возобновувани.

Првата школска година за децата-бегалци од Граѓанската војна во Грција. Веселичко, Чешка, учебна година 1948/1949

Прогласувањето на независноста на Македонија дава нов поттик за Македонците во Чешка и тие се организираат со нови здруженија од кои најактивни се во главниот град Прага и во вториот по големина град Брно каде се основани и две катедри за македонски јазик при универзитетите на овие два клучни научни центри во Чешка.

Обединувачки алки на заедницата се здружението Македонија во Прага (основано во 1993 година) и македонското литературно и научно здружение Македонска мисла во Прага (основано 1999 година).

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ