„Меѓу присутните Македонци можеше да се почувствува гордост, затоа што овој значаен датум е сведоштво за истрајноста на македонскиот народ да го зачува својот мајчин јазик, а преку него и македонската култура и идентитет“, се наведува во објавата.
Во текот на изминатите осум децении, македонскиот јазик стана мост што ги поврзува генерациите, градејќи ја врската меѓу минатото, сегашноста и најважно иднината.
„Тоа не е само средство за комуникација, туку симбол на македонската историја, традиција и заедништво“, се посочува понатаму.
Од говорниците на овој значаен настан, се нагласува, беше искажана благодарност, до сите учители, ученици и сите оние кои со својата работа придонесоа мајчиниот македонски јазик да продолжи да се изучува и да живее на овие простори.
„Ова е доказ дека културната и јазичната разновидност се богатство, а не пречка. Треба да продолжиме да го негуваме и промовираме македонскиот јазик, бидејќи неговата иднина е во нашите раце. Овој јубилеј нека биде поттик за уште поголема посветеност и зајакнување на македонскиот идентитет во Република Албанија“, се нагласува во објавата на амбасадата.
На научната конференција покрај многуте гости присуствуваше заменик министерот за надворешни работи и трговија, Зоран Димитровски, в.д. македонскиот амбасадор во Тирана, Љуфтим Спахиу, директорката на КИЦ во Тирана, Емилија Потеска- Попивода, градоначалникот на Пустец, Пали Колефски, универзитески професори и од двете земји.
Организатори на конференцијата беа македонското друштво „Сонце“ од Корча, во соработка со Универзитетот „Фан С. Ноли“ од истиот град, како и „Мрежата за промоција на јазичната различност” од Брисел.