недела, 20 октомври 2024
Интервју со македонската ултрамаратонка, Радмила Јованова

Македонката што истрча 162 километри и освои второ место во Грција

Објавено на

часот

Сподели

Во април оваа година Радмила Јованова го направи својот дотогаш најголем подвиг, ја комплетираше првата трка од над 100 километри. Истрча 110 километри на Истра, условите беа тешки, град, дожд, ветер, многу кал… но сите пречки беа надминати благодарение на беспрекорната физичката подготовка и смирениот ум, кој најчесто ја прави разликата.

110 километри не ѝ беа доволни, па Радмила реши да ја крене летвичката на уште повисоко, за многумина незамисливо ниво. Во октомври таа истрча 162 километри, со елевација од скоро 7.000 метри. Трчаше повеќе од 30 часа во планина, голем дел во тивка, но страшна ноќ, во која ги слушате само звуците на природата и трчате додека другите спијат. На Радмила не ѝ беше важно само да ја заврши трката и да стигне на целта, таа се бореше да оствари колку што е можно подобро време, на крај го освои фантастичното второ место, кое е круна на нејзината посветеност и истрајност во изминатите години.

Во разговор за МКД.мк Радмила ја раскажува својата приказна, како е да се биде ултрамаратонка, која со часови игра со планините низ долгите делници во најразлични услови.

Постојано трчате, физички сте во одлична форма. Но дали имате посебни подготовки пред настап на ултрамаратон?

Како и во секој друг спорт, така и во планинското трчање, потребни се сериозни физички и психолошки подготовки, особено кога станува збор за дисциплината ултрамаратон. Подготовките обично траат 2-3 месеци, во зависност од природата на самата трка – должината, висината што се совладува, теренот… Конкретно за последнава трка со должина од 162 км и елевација од скоро 7.000 метри, имав интензивни тренинзи, кои траеја околу два месеца, со минимум пет тренинзи неделно. Секој тренинг обично трае по околу 2-2:30 часа, а за викенди и повеќе. Неделно трчав по околу 100 километри, еден ден неделно вежбав брзина, додека другите денови тренирав издржливост.

Дали имате некоја посебна исхрана пред трките?

Секогаш кажувам дека јас не сум најкомпетентната личност што треба да зборува за ова, бидејќи ако во нешто не сум дисциплинирана, тоа е исхраната. Не е дека сум постојано на брза храна, туку едноставно, сакам да јадам, не внимавам многу што ќе јадам и јадам што ми се јаде.

Но кога е во прашање исхраната пред трка, барем недела-две пред тоа, се обидувам да воспоставам некоја избалансирана исхрана и да му направам тренинг на метаболизмот. Генерално, го зголемувам внесот на јаглехидрати, јадам повеќе тестенини, ориз, компири, висококалорична храна, со цел да имам доволно резерви за тешкиот напор што ми претстои. Многу е важно да се биде добро хидриран, па гледам периодот пред поголема трка да внесувам многу течности.

s

Како ги надминувате кризите што неминовно се јавуваат во текот на трчањето? Дали падовите во текот на трката повеќе се физички или психолошки, Ви дошло ли некогаш да се откажете среде трчање?

Секогаш кога одам на некоја поголема трка, нештото на кое најмногу се фокусирам е состојбата на умот. Многу е важно, барем за мене, да имам смирен ум и убава енергија, и пред трката и за време на трката – тоа ми помага да ги совладам најголем дел предизвици. Не можете однапред да предвидите со што ќе се соочите за време за трката, кога ќе ви биде потребен одмор и како телото ќе реагира, дали ќе имате грчеви во мускулите, дали ќе ви се приспие за време на ноќта, дали ќе имате средба со некое животно…

На последнава трка се соочив со неколку препреки што ја тестираа пред сѐ мојата ментална, а потоа и физичката подготвеност. Уште на 40-тиот километар почувствував болки во стапалата, што мислам дека е поради лошиот избор на патиките со кои стартував, но за среќа, на 60-тиот километар, каде што беше првата поголема контролна станица, ги сменив патиките и продолжив. На 60-тиот километар се соочив со вториот предизвик, а тоа беше како ќе ја поминам ноќта трчајќи сама во планина, со оглед дека Родопите и пределот каде што трчавме е „богат“ особено со мечки и други диви животни, а веќе почнуваше да паѓа мрак, и мислам дека ова беше пресуден момент за дали и како ќе продолжам понатаму.

Околу 4 часот наутро кога веќе повеќе од 20 часа активно трчав, за првпат на трката почувствував голема поспаност. Колку и да звучи невистински, трчав и спиев со полузатворени очи околу 1 км. За среќа, следната контролна станица беше на околу 1 км, каде што зедов кафе, супа, и веднаш продолжив.

Трката трае повеќе од еден ден. Какви се и колку се долги паузите што ги правите, дали и што јадете во текот на трките и како се хидрирате?

Управувањето со храната и хидратацијата за време на ваква трка е цела една наука и невниманието во овој поглед може да ви го уништи целиот претходен процес на подготовки. За време на трката најчесто земам енергетски гелови и барови, како и електролити и други суплементи богати со соли, бидејќи за време за трката се губат многу течности и потребно е покрај храна, да се внесува доволно сол и минерали, за да се избегне појава на грчеви во мускулите. Секогаш треба да јадете и кога не ви се јаде, бидејќи ако само во еден момент си дозволите да останете без енергија, тој јаз подоцна тешко се надоместува и може да ве чини цела трка.

Сите поголеми трки имаат неколку контролни пунктови/освежителни станици, кои обично се распоредени на секои 20 км растојание, каде што има храна, напитоци, на некои и екипи за прва помош. Нема правило колку да се задржите на секоја станица, но од друга страна има временски лимит за пристигнување од една до друга точка и до самиот финиш, така што не можете да си дозволите премногу долги паузи. Конкретно, на трката во Грција имав две поголеми контролни станици, на 60. и 127. км, каде што се задржав по 15-тина минути, со цел да се сменам облека, чорапи, евентуално патики и да земам некој пообемен оброк. Испив околу 13 литри течности и на секоја контролна станица јадев многу супа – тоа е моето омилено јадење за време на трка, бидејќи во ноќните часови, кога е прилично ладно во планина, тоа ме стоплува и во исто време ме хидрира.

Грците имаат домашна супа што е слична на тарана и беше многу вкусна.

s

Како се штитите од потенцијални повреди, грчеви во текот на трката?

Поспаноста во ноќните часови ја решавам со земање кофеин и храна за енергија, а болките во мускулите и во целото тело ги решавам со таблети против болка, како и магнезиум за грчевите, нормално, ако има потреба. Она што е многу важно е да го слушате сопственото тело, бидејќи тоа најдобро знае што му се случува. Иако вака напишано изгледа лесно, сепак, трчањето на ултратрки е сериозен психолошки и физички предизвик, кој бара силна посветеност, самоконтрола, самомотивација, дисциплина и упорност.

Како е да се трча во темница со оглед на тоа што трчате по планински предели каде што нема многу објекти околу вас?

Не дека нема многу објекти, туку воопшто нема објекти. Единствените објекти околу нас се дрвјата, карпите и по некој камен. Да се трча во темница за мене е или многу лесно, ако имам друштво, или многу тешко, ако сум сама. Кога имам друштвото е многу полесно, не размислувам за темницата, за животните околу мене, за дивината, не гледам ништо подалеку од 100 метри, не го гледам теренот пред мене и некоја тешка патека, или угорница, полесно ја поминувам бидејќи сум ослободена од тој психолошки товар кога гледаш карпа пред тебе што треба да ја поминеш, а веќе си уморен. Од друга страна, пак, во темно мора да бидеш многу претпазлив во однос на теренот, особено по удолници, бидејќи немаш голема прегледност дали е лизгаво, влажно, нерамно…

Ако сум сама во темница, не знам дали би преживеала цела вечер сама, мислам дека нема, но кога човек е оставен сам на себе, знае чуда да прави, така што не знам како би се однесувала сѐ додека тоа не го доживеам.

За среќа, за време на трката имав друштво од друг тркач, со кој се запознавме на самата трка, имавме отприлика исто темпо и трчавме заедно цела вечер, цели 13 часа.

s

Трката е долга, што размислувате додека трчате? Дали мислите се фокусирани само на трката или размислувате на некои обични, секојдневни работи?

Имам едно мото по кое се водам секогаш кога ми е најтешко за време на трки, а тоа е дека за одредено време сѐ, целиот напор, целата мака, ќе биде завршена. На пример, кога трчам подолга трка, си велам „до вечер сѐ ќе биде готово“ и некако тоа ме смирува. Е сега, на трката во Грција ова малку беше проблем, бидејќи кога си реков самата на себе „за два дена сѐ ќе биде готово“, тоа не изгледаше смирувачки, бидејќи два дена не се баш краток период.

Секоја подолга трка не ја гледам како една целина, туку ја делам на неколку секвенци, како што се всушност и контролните станици на самата трка. На пример, размислувам како полесно да ги поминам тие 20 или колку и да се километри, од една до друга станица, наместо да размислувам уште колку километри ми преостануваат до крај.

Речиси никогаш не размислувам за секојдневни работи, не ни сакам, туку најчесто размислувам за финишот, за луѓето што ме чекаат, што ме следат, размислувам за поддршката што сум ја добила пред трката… тоа е тоа на кое сум фокусирана.

Малкумина го почувствувале тоа. Може ли да ни кажете какво е чувството кога по 162 истрчани километри ќе пристигнете на целта?

Целта ја поминав држејќи во раце две дечиња на мои блиски пријатели, кои дојдоа од Штип за да ме пречекаат и да ме бодрат на финишот, и тоа чувство беше преубаво, полно со емоции. Не чувствував умор, постапност, никаква физичка болка. Чудно е како убавите моменти ги надвладуваат сите препреки во тој момент.

Знаев дека мојата фамилија и сите мои блиски ме следат тие два дена додека трчав и беа под стрес заедно со мене, и многу ми беше драго што сѐ заврши добро, а освојувањето на второто место беше бонус.

s

Ултрамаратонските трки бараат исклучителен напор, какво е опоравувањето по трките, колку време Ви треба да се вратите во нормала и дали се изместува биоритамот со оглед на тоа што трката трае повеќе од еден ден?

Дефинитивно она што му треба на телото е добар сон и мирување, и нормално, многу храна и течности. Јас за време на трката загубив преку 13.000 калории, и тоа го надоместував две недели. Не се препорачуваат никакви масажи по трка, бидејќи и самите мускули се многу воспалени, едноставно потребно е само храна, одмор и доволно сон за телото да се врати во нормала, масти, креми и гелови за евентуални отоци…

Ден-два по трката не можев добро да спијам навечер, но тоа е нормално по таков физички и ментален напор.

Сепак, секое тело е различно и различно реагира на секаков напор и затоа, како што и претходно споменав, многу е важно да научиме да си го слушаме телото бидејќи тоа најдобро знае што му е потребно.

Го освоивте второто место на Вирџин форест трeјл во Грција. Дали пласманот Ви дава посебна сатисфакција или целта е само да се истрча предвидената дистанца?

Никогаш не се пријавувам на трка само за да ја истрчам. Едноставно, тоа не е моето мото. Имам компетитивен дух, сакам да се натпреварувам и кога велам сакам да се натпреварувам, повеќе мислам на натпревар со самата себе, надминување на моите сопствени лимити, а помалку натпревар со другите. Секогаш кога се пријавувам некаде, сакам тоа да биде моето најдобро издание, сакам да дадам сѐ од себе, не ми е предизвик да се штедам. На пример, моите планови беа да ја завршам последнава трка за околу 33-35 часа, а финиширав за 30 часа и 38 минути.

Што се однесува на освоеното 2. место на трката Вирџин форест ултратрејл, тоа беше сосема неочекувано и непланирано. Кога пред стартот видов како изгледаат девојките што исто така се натпреваруваа, си помислив дека ќе бидам последна. И така и тргнав, со тој начин на размислување, не се натпреварувам со другите, ќе уживам во трката, ќе одам така како што сум тренирала и како што знам.

До 60. километар бев 5-та или 6-та девојка, а отприлика од 60. километар па сѐ до крај бев втора и тоа ми создаде голем психолошки притисок, бидејќи не знаев колку далеку од мене е третопласираната девојка, а сакав да ја задржам таа позиција до крај и 100 км буквално давав сѐ од себе.

Драго ми е што завршив второпласирана, секако, но повеќе сум среќна што успеав да ги исполнам моите цели подобро од тоа што планирав.

s

Дали со настапот на ултрамаратонот во Грција соништата Ви се исполнети или имате уште предизвици што сакате да ги оствариш, можеби дистанца уште поголема од 162 километри?

Уште не сум сигурна дали ултрамаратонот е дисциплината во која најмногу се пронаоѓам.

Трката во Грција секако дека ми исполни многу соништа, но познавајќи се самата себе и мојот бурен, авантуристички дух, сигурна сум дека ќе сакам да се впуштам во некој друг интересен предизвик.

На 9 декември оваа година сум пријавена на трката Бекјард ултра, која првпат ќе се одржи во Македонија, а е во организација на Здружението ТРЕКС, каде што сум член и јас. Ова не е типична атлетска трка, туку е тест на издржливост, односно трка до откажување, а крајот е сѐ додека не остане само еден учесник во трката.

Со оглед на тоа што е прв ваков настан во Македонија, сакам да го поддржам и намерата овојпат ми е да не си ги тестирам сопствените лимити, туку да истрчам околу 50 км. Сепак, мислам дека тоа би го одлучила на денот на самата трка.

Што Ве мотивира да трчате? Каде ја гледате убавината на трчањето?

За мене трчањето не е само спорт, туку е извор на живот. Кога трчам, особено кога сум во планина, се чувствувам слободно, смирено, ослободена од секакви грижи, таму си го наоѓам мирот и спокојството.

s

Имате ли некој посебен момент, некоја необична случка за време на некоја ултрамаратонска трка?

Искрено, немам некоја случка што посебно би ја издвоила. Не сум имала директна средба со диви животни, не ми се случила некоја посериозна повреда. Неколку пати ја имам утнато патеката, но тоа веќе ми е мој карактеристичен белег, така што не го гледам како нешто посебно.

Еве, како најпосебен момент би го издвоила финишот на трката Охрид ултра трејл во 2021 година, кога заедно фатени за рака завршивме второпланирани со уште една девојка со која сум во истиот клуб, на трката со должина од 60 км.

Ристе Ѓорѓиевски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ