Во своите завршни зборови обвинителките Жаклина Крстевска-Јосифовска и Ана Стојковиќ-Димитровска побараа Судот со доживотен затвор да ги казни Палевски, Манев, Видевски и Кешишев, а на Ѓорчевски да му досуди затворска казна според закон.
Бранителите на Манев, Видевски и на Кешишев побараа Кривичниот суд да ги ослободи од обвинението за убиствата. Во своите искази Манев и Кешишев сведочеа дека тие планирале само да грабнуваат лица и за нив да бараат откуп, но нивниот шеф Љупчо Палевски Палчо ладнокрвно ги убил Панче и Вања, а потоа им се заканувал на останатите да молчат и да го слушаат.
Во завршниот збор, бранителот на Александар Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегџиќ, оцени дека обвинението против Ѓорчевски е во целост неосновано, неаргументирано, паушално и засновано на претпоставки кои не наоѓаат своја поткрепа во доказите на обвинителството. Тој посочи дека одбраната докажа дека токму неосновано обвинетиот Александар како татко на детето Вања е жртва и оштетен во оваа постапка заедно со мајката Зорица и неговото семејство и докажа дека тој во критичниот период постапил на начин на кој би постапил секој родител во ситуација кога се трага и бара неговото исчезнато дете.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Обвинетите на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни, а првообвинетиот Палевски низ процесот тврдеше дека ова е политички монтиран процес.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.