вторник, 15 јули 2025

Завршено лекувањето во Белград на последните двајца пациенти од пожарот во Кочани

Последните двајца пациенти кои се лекуваа во Универзитетскиот клинички центар во Белград од повредите во пожарот во дискотеката во Кочани денеска беа отпуштени. Се работи за Ангела Бошковска (24) и за Андреј Георгиев (23) кои попладнево ја напуштија Клиниката за пластична и реконструктивна хиургија, јави дописникот на МИА од Белград.

Објавено на

часот

Сподели

Третманот на нивните повреди ќе продолжи во Македонија.

Ангела и Андреј изразија бескрајна благодарност до лекарите во УКЦС за нивната грижа и пожртвуваност при нивното лекување. Ангела Бошковска е од Скопје, Андреј Георгиев е од Кочани.

„Бескрајно сме благодарни на докторите и целиот медицински персонал во Клиничкиов центар за сè она што го направија за нас, за лекувањето, за грижата“, нагласи Андреј.
Во име на официјално Скопје, благодарност до лекарскиот персонал во УКЦС и до властите во Србија изрази македонскиот амбасадор, Никола Тупанчевски.

Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија при УКЦС изрази благодарност до српските власти и министерот за здравство, Златибор Лончар како и до македонските власти.
„Изразувам и благодарност до македонските власти кои секојдневно беа во контакт со нас, како и на македонскиот амбасадор Никола Тупанчевски, кој постојано прашуваше за состојбата на пациентите. Еве денеска ги отпуштаме последните двајца пациенти кои ги лекувавме во Ургентниот центар. Седумнаесет пациенти беа примени на 16 и 17 март со повреди здобиени во пожарот во дискотеката во Кочани. Сите беа згрижени и лекувани во Ургентниот центар“, рече д-р Стојичиќ.

Тој додаде дека сите пациенти кои биле примени во Ургентниот центар на Клиничкиот центар на Србија преживеаја и беа успешно лекувани.

„Вкупно 17 пациенти беа лекувани во УКЦС во Белград. Петмина од нив беа интубирани – на механичка вентилација. Најважно е дека сите пациенти преживеаја. Сите беа донесени во тешка состојба со инхалациони повреди и благодарение на нашите тимови имаме добри вести. Јас можам да кажам дека ова е уште еден чин на добрососедски односи меѓу Македонија и Србија. Цело време имавме голема поддршка од нашите претпоставени, не само од Клиничкиот центар туку и од министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар како и со македонскиот амбасадор во Белград, Никола Тупанчевски и со секретарот во амбасадата, Емре Мустафи“, изјави д-р Стојичиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ