Како што информира денеска РЦУК – Скопје, пријавено е и поплавување на дел од булеварот „Борис Трајковски“ кај населбата Пинтија, каде исто така имало пријави за поплавени магацини.
Според информациите од лицето за контакт од Општина Студеничани, интервенираат службите на Општина Студеничани со локалните фирми, а на терен има и претставници од Општина Кисела Вода.
Во текот на ноќта на единствениот број за итни повици 112 добиени се и пријави за поплавени куќи во Горно Лисиче, каде интервенира Општина Аеродром.
„На поплавените места интервенираат и БППЗ на Град Скопје и јавните претпријатија на град Скопје и единици на локална самоуправа“, наведува РЦУК – Скопје.
АМСМ информира дека непроодни се локалниот пат село Горно Лисиче кон село Долно Лисиче во Општина Аеродром и првиот мост во село Батинци, Општина Студеничани.
ЈСП „Скопје“ известува дека поради поплавите од Маркова Река, автобусот со број 70 сообраќа до почетна/крајна станица Дризла и автобусот со број 33 преку населба Драчево во двете насоки.
Железници на Македонија известуваат дека железничкиот патнички и товарен сообраќај од синоќа, од 22:50 часот е во прекин во правец на Лисиче и Драчево и обратно, додека патничкиот сообраќај се одвива преку станицата Трубарево.
Поради обилните врнежи од дожд на територија на град Скопје и излевањето на Маркова река, сѐ уште е затворен за сообраќај во двете насоки локалниот пат село Горно Лисиче – село Долно Лисиче, како и влезот за село Батинци во двете насоки.
Од тие причини, Единицата за безбедност на патниот сообраќај презема мерки за посебен режим на сообраќајот, информираа утрово од Министерството за внатрешни работи.
Секторот за внатрешни работи – Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите на полициските службеници.