сабота, 12 јули 2025

За Бугарија извештајот на ЕП за Македонија е необврзувачки, но не се откажува од „модерните“ амандмани

Усвојувањето со 40 гласа „за“ на извештајот за напредокот на Македонија во реформите за ЕУ, на состанокот на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент (АФЕТ), создаде двојна констернација во бугарскиот „фронт“ за блокирање на овој рутински документ на европарламентот.

Објавено на

часот

Сподели

Бугарија се погрижи гласањето за извештајот за Македонија да излезе од „здодевната рутина“ на европарламентарците, со речиси 300 амандмани заради формулацијата на „вековниот македонски идентитет и јазик“, која сакаа да ја променат со придавката „модерен“. Имено, пред самото гласање во АФЕТ, координаторот на ЕПП, Михаил Галер, предложи устен амандман – пред терминот „македонски јазик и идентитет” да се додаде „модерен”. Амандманот не беше ставен на гласање бидејќи шест европратеници се изјаснија против.

Откако пред три седмици го одложија гласањето во ЕП, со притисоци врз австрискиот известувач Томас Вајц, бугарските политичари јавно признаваа дека ги мобилизираат сите ресурси за да се блокира извештајот за Македонија со формулациите за идентитетот и јазикот. Еден од аргументите беше дека ЕП не е институција која „признава идентитети и јазици“, за пред гласањето, бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев да каже дека „Бугарија не е обврзана да го почитува“ документот на ЕП, иако ја почитува институцијата. Но и покрај „необврзувачката“ позиција  што ја зазеде, Бугарија сепак не се откажува да го приложи „модерниот“ амандман за македонскиот идентитет и јазик на пленарната седница на ЕП, каде извештајот ќе биде ставен на гласање пред сите пратеници, меѓу 7 и 11 јули.

„Ништо фатално не се случи – ЕПП ќе го предложи целиот амандман во пленарната сала, а извештајот на ЕП не ја обврзува Бугарија во нејзината позиција во процесот на преговори“, објаснил бугарскиот европаретник Радан Канев за медиумите. Но, додаде „барем Орбан покажа кој е – единствениот јавно деклариран противник на бугарската национална позиција во Европа“. „Лидерот на партијата (Орбан) која го блокира широкиот консензус во заштитата на бугарскиот интерес и општата позиција на ЕК. Очекувам сè повеќе бугарски ‘патриоти’ и ‘националисти’, како и шефот на државата и лидерот на ГЕРБ, да продолжат да му се додворуваат и да објаснуваат каков пријател на Бугарија е тој“, рече Канев.

 

За МНР на Бугарија „вековниот македонски идентитет“ е навреда

Бугарското Министерство за надворешни работи остро реагираше по извештајот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), повторувајќи дека имплементацијата на европскиот консензус од 2022 година е единствената патека за ЕУ-интеграцијата на Македонија.

„Бугарија останува доследна на сите елементи од консензусот. Без негово исполнување, нема напредок“, соопштија од МНР во Софија, потсетувајќи на одлуките на бугарското Собрание од јуни 2022 и мај 2025 година.

Софија особено го поздрави ставот на АФЕТ против, како што наведуваат, „шпекулативните националистички наративи за вековен македонски идентитет“, оценувајќи дека тие се навредливи за Бугарите и за другите заедници во Македонија и се косат со европските вредности.

Министерството под водство на Георг Георгиев оцени дека македонските власти често го манипулираат ставот на Бугарија за идентитетските прашања за да избегнат исполнување на преземените обврски.

„Имаме две главни загрижености: заштитата на правото на самоопределување на Бугарите во Македонија и запирање на провокации кон милиони бугарски граѓани, од кои многумина имаат корени од регионот Македонија“, се вели во реакцијата.

Бугарските медиуми незадоволни од успехот на македонската дипломатија

Извештајот за напредокот на Македонија на известувачот Томас Вајц не беше  изгласан од страна на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, па затоа бараните амандмани и појаснувања не беа усвоени, но тоа ќе се случи во пленарната сала за две недели, тврди бугарскиот европратеник Андреј Ковачев во интервју за Бугарското национално радио.

„Четири политички групи се согласија дека текстот треба да се разјасни на местата каде што се зборува за македонскиот идентитет и јазик, да се додаде зборот ‘модерен’, дека станува збор за сегашниот, нов идентитет и јазик. Гласањето (за таа промена) не можеше да се одржи бидејќи  беше блокирано од шест лица од група таканаречени патриоти, кои се спротивставија на тоа под доминација на групата на Виктор Орбан, што го спречи ова усвојување. Но, веднаш потоа, координаторот на ЕПП објави дека амандманите ќе бидат предложени во пленарната сала во јули. И текстот ќе стане недвосмислен. Текстот и сега е таков, но има толкувања дека ЕП само што не го признал ‘вековниот идентитет и јазик’, што ги прави премиерот на РСМ“, изјави Ковачев за бугарските медиуми.

Воопшто, бугарските медиуми посветуваат големо внимание на дипломатскиот успех на Македонија во Европскиот парламент и усвојувањето на резолуцијата во Комитетот за надворешни работи.

Медиумите ги напаѓаат нивните власти што резолуцијата во првата фаза помина со чиста формулација за македонскиот јазик и идентитет. Значи пред формулацијата нема ниту сегашен ниту модерен идентитет.

Aгенцијата БГНЕС директно го праша известувачот Вајц дали е пријател на Бугарија или на Македонија? Исто така го прашаа дали премиерот Мицкоски влијател на европратениците во Брисел.

„Ја работам својата работа врз основа на факти, што е можно пообјективно. Мојата единствена задача е да анализирам каде се наоѓа земјата во однос на европското право, владеењето на правото, независноста на судството, медиумите… И токму тоа го направив во овој извештај“, одговори Вајц.

Бугарскиот весник „Стандард пак пишува дека нивното Министерство за надворешни работи реагирало многу студено на термините „македонски јазик и идентиет“.

„Министерството за надворешни работи издаде студено соопштение во врска со извештајот за Република Македонија, усвоен денес од Европскиот парламент. Бугарското инсистирање таканаречениот ‘македонски јазик’ и ‘македонскиот идентитет’ да бидат дефинирани како современи не беше прифатено, што предизвика лавина од гнев кај Бугарите“, пишува Стандард.

Што содржи извештајот на АФЕТ

Во извештајот, АФЕТ ја поздравува посветеноста на земјата на европската интеграција, охрабрувајќи ја да продолжи со реформските напори и покрај политичките предизвици и фрустрацијата на јавноста и ги повикува македонските властите да ги спроведат уставните измени, да го зајакнат владеењето на правото и да ја засилат борбата против корупцијата.

Извештајот нагласува дека пристапувањето во ЕУ во крајна линија е прашање на политичка волја, како во однос на спроведувањето на реформите, така и во однос на усвојувањето на уставните амандмани.

Европратениците ги повикуваат сите политички партии во земјава да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус, што би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзало напредокот во ЕУ.

Во документот европратениците го поздравуваат новиот Инструмент на ЕУ за реформи и раст, од кои 750 милиони евра се предвидени за земјава, при тоа изразувајќи пофалби ја амбициозната македонска Реформска агенда. Тие повикуваат и на силен фокус во спроведувањето на реформите, особено во јавната администрација, владеењето на правото и борбата против корупцијата.

Забележувајќи ги „влошувачките трендови во корупцијата на високо ниво и ниската доверба на јавноста во судството“, европратениците повикуваат на поголема независност и одговорност на судскиот систем и соодветни ресурси за надзорните тела.

Европратениците предупредуваат дека политичката поларизација останува клучна пречка за реформите и повикуваат на меѓупартиска соработка и инклузивна измена на Изборниот законик, врз основа на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија.

Во документот, исто така, се нагласува важноста на заштитата на изборниот процес од штетно странско влијание и дезинформации. Пратениците изразуваат загриженост во врска со странското мешање, особено од Русија и Кина, и предупредуваат на растечките ризици поврзани со нетранспарентни финансиски текови и инвестиции.

Извештајот повикува и на континуирани реформи за да се обезбеди независен и отпорен медиумски пејзаж, усогласен со Европскиот закон за слобода на медиумите, и на деполитизација на јавна администрација.

Ј.П.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ