петок, 13 февруари 2026

ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДС со измените на правилникот овозможила одгледување канабис на отворено

Владата предводена од СДСМ во 2023 година извршила измени на правилникот за одгледување канабис за медицински цели, кои, според ВМРО-ДПМНЕ, се косат со важечкиот закон што ја регулира оваа област.

Тони Котев, сопственик на фабрика со илегална марихуана и Венко Филипче

Објавено на

часот

Сподели

„Со измените во член 2 од правилникот е предвидено канабисот да може да се одгледува и на отворен простор, површина или земјиште, иако во законот и во претходната верзија на правилникот беше утврдено дека одгледувањето за медицински цели се врши исклучиво во затворен простор“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата наведуваат дека со ваквиот подзаконски акт било овозможено производство на канабис на нива, што, според нив, отвора сериозни дилеми во однос на исполнувањето на ГМП-стандардите. Доколку овие норми не се исполнети, како што посочуваат, финалниот производ – маслото од канабис – не би можел да биде соодветно лиценциран ниту пласиран во промет за потребите на пациентите.

Во соопштението се тврди дека тогашната влада на СДС, предводена од Зоран Заев, како и тогашниот министер за здравство Венко Филипче, свесно и намерно го сменила правилникот. Според ВМРО-ДПМНЕ, измените биле во согласност со претходните политики и јавни заложби за проширување и легализација на пазарот на канабис.

Партијата потсетува дека во 2020 година СДС имала иницијатива за поширока легализација на марихуаната и за значително зголемување на бројот на издадени лиценци за медицински канабис, особено во Струмичкиот Регион.

Дополнително, се наведува дека сомнежите за можни злоупотреби се зголемиле по заплената на поголема количина марихуана од компанија во Ново Село, поврзувана со лица блиски до тогашното раководство на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат зошто било дозволено одгледување канабис на отворено спротивно на законот, кои биле мотивите и дали со измените бил отворен простор за можни злоупотреби и незаконска трговија.

„Потребни се ред, одговорност и темелна институционална истрага. Надлежните органи треба целосно да ги испитаат сите наводи и сомнежи“, се додава во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ