„Свесни сме дека досега беа преземени повеќе активности – итна здравствена грижа, институционална мобилизација, финансиска и логистичка поддршка, но свесни сме и дека постојат сегменти кои се повторно неопходни. Затоа почнуваме со оваа нова активност, во насока на она што го ветивме: континуирана, организирана, системска и човечка поддршка. Телефонскиот број е нов канал за директна комуникација со повредените и нивните семејства.
Преземањето на овие активности не се заклучоци донесени од канцеларија – тие се резултат на директна комуникација на терен, особено од страна на работната група за евалуација на повредените, која во изминатиот период работеше во непосреден контакт со семејствата и со медицинските тимови. Секое укажување и секој ненагласен апел – се земени предвид и вградени во оваа нова фаза на поддршка.
Во првата фаза, ги повикуваме сите повредени и нивните семејства да се јават, да ги изнесат своите барања кои ги имаат, предлози и конкретни потреби. Оваа линија нема да биде само контакт – туку жив канал на комуникација, преку кој ќе се одржува дневна, неделна и месечна координација, со редовно информирање, и со персонализиран пристап за секој случај.
Сигурно ќе се постави и прашањето, зошто ова се прави сега? Затоа што оваа Влада верува дека поддршката не смее да биде еднократна, туку таa е процес. Затоа што знаеме дека здравствената и психолошката состојба на повредените се менува секој ден – и дека пред сè, им беше потребно време да се посветат на своето закрепнување. Кога се во состојба на закрепнување и имаат нови барања и потреби ние сме целосно подготвени да им излеземе во пресрет за сите останати состојби со структуриран, отворен и достапен механизам. Ова е уште една потврда на нашата заложба: да останеме покрај луѓето, со одговорна и конкретна поддршка. Ова е наша обврска, посветено и постојано присуство на институциите – таму каде што е најпотребно“, изјави Митева.