среда, 10 декември 2025

Владата не го поддржува маршот на ОВК во Скопје, се организира кризен штаб за да нема провокации

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата не го поддржува маршот на ветераните и поддржувачите на ОВК во Скопје, најавен за сабота и оти е формиран кризен штаб кој ќе ги следи случувањата поврзани со настанот. Владата, државата и институциите, потенцираше Мицкоски, ќе ги преземат сите мерки да не успее намерата да се испровоцира каква било негативна реакција, не само за граѓаните, туку и за регионот.

Објавено на

часот

Сподели

Во однос на одлуката на чаирскиот градоначалник Изет Меџити, кој е владин коалициски партнер, Мицкоски рече дека за тоа треба да се праша тој, но смета дека Меџити е под притисок на организаторите, мислејќи дека ако не го поддржи ќе изгуби политички поени.

„Владата не го поддржува (маршот) и немаме намера да го поддржиме! Но секако ќе се погрижиме сето тоа да помине во најдобар ред, да нема инциденти, да не се случи нешто кое ние граѓаните не сакаме да се случи. Инаку, препотставувам дека таа одлука на Меџити е под притисок на организаторите, мислејќи дека ако не го поддржи ќе изгуби политички поени, што мислам дека му е погрешна одлука“, изјави Мицкоски.

За тоа дали има договор со Косово во однос на ветерани на ОВК кои се бараат со потерница од Србија, премиерот беше дециден дека ДУИ на ваков начин се обидува да се мобилизира, сметајќи дека на ваков начин повторно ќе добие некаква поддршка и дека не станува збор за некаков договор.

„Не станува збор тука за политички договор или за неполитички договор. Очигледна е намерата дека некој се обидува на овој начин да се мобилизира.Тука пред се мислам на ДУИ. На тој начин мисли дека ќе добие повторно некаква поддршка, дека ќе ги мобилизира повторно своите гласачи. Жалам што има и такви што го поддржуваат овој процес јавно, иако немаше потреба, по мене, што се случи. Но тоа е нивна одлука и не би сакал јас да ја коментирам“, рече Мицкоски.

Ние како Владата, нагласи премиерот, ќе сториме сè што е во наша моќ, прифаќањето на граница до реализирањето на овој протестен марш да биде поминато во најдобар ред.

„За ова се исто така информирани и нашите стратешки партнери. Сите тие се информирани за сите оние мерки кои ќе бидат превземени. Ќе имаме и кризен штаб, кој што ќе го следи ова 24 часа пред да сè случи и откако ќе се случи, нормално – обезбедување, испраќање на сите оние кои ќе дојдат на оној настан. Како Влада, како држава и како институции ќе ги преземеме сите мерки да не им успее првичната намера да испровоцираат каква било реакција која може да има негативни консеквенци не само за граѓаните, туку и за регионот“, рече Мицкоски.

Маршот на ветераните на ОНА е најавен за сабота, за 13 часот и ќе започне на плоштадот Скендербег.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ