Изложувањето на ИСМ се третира како стратешка платформа за јакнење на извозното присуство, со фокус на продлабочување на постојните партнерства и воспоставување нови контакти со потенцијални дистрибутери на глобално ниво.
„Настапот на саемот ИСМ е од големо значење за изложувачите, затоа што ова е најголем светски саем специјализиран за кондиторија и посебно одговара за нашиот сектор. Витаминка е редовен изложувач тука и во досегашното искуство сме се увериле во придобивките и реалните резултати. Секогаш настапуваме високо репрезентативно и со нашата разновидна, богата и квалитетна понуда. На тој начин и со платформата на ISM често обезбедуваме успешно пробивање и до останатите светски пазари“, вели Илија Наумоски, помошник оперативен директор на Витаминка.

Во фокус на годинашното издание на саемот се актуелните технолошки иновации и трендови во кондиторската индустрија, со јасен акцент на потребите на потрошувачите и на развој на производи што одговараат на современите пазарни очекувања.
Со над 1.600 изложувачи од 70 земји, ИСМ обезбедува релевантен деловен контекст и широк преглед на тековните случувања во секторот, што го прави особено значаен за компании со извозна ориентација и амбиција за раст на меѓународните пазари.






