Од своето основање во 2003 година, Википедија на македонски јазик бележи стабилен и постојан раст, благодарение на посветеноста на заедницата на волонтери кои секојдневно придонесуваат со нови содржини, подобрување на постоечките статии и споделување на проверени информации достапни за сите. Денес, платформата претставува еден од најважните извори на знаење на македонски јазик на интернет.
„Овој успех не е само бројка – тој ја одразува вредноста на заедничкото залагање за слободно знаење. Википедија на македонски јазик прерасна во силен дигитален ресурс што го користат илјадници корисници дневно, особено во образованието, медиумите и истражувањето,“ изјави Снежана Штрковска, извршен директор на здружението „Викимедија МКД“, организацијата која ја поддржува Википедија и сродните проекти во земјата.
Статиите на Википедија на македонски јазик опфаќаат широк спектар теми – од локална и национална историја, култура, географија и биографии, до глобални теми од науката, уметноста, технологијата и современото општество. Зголемувањето на бројот на статии значи и зголемена застапеност на македонскиот јазик во дигиталната сфера, нешто што е особено важно во време кога онлајн содржините доминираат во секојдневната комуникација и учење.
Википедија функционира според начелата на отвореност, транспарентност и колаборативна работа. Секој може да придонесе – без разлика на возраста, професијата или претходното искуство. Македонската заедница е активна и организира редовни уредувачки настани, обуки, и соработки со институции од образованието и културата.
Со цел да се поддржи понатамошниот раст и развој на проектот, „Викимедија МКД“ ги повикува сите заинтересирани граѓани, студенти, наставници и љубители на знаење да се приклучат во заедничкото градење на најголемата слободна енциклопедија на македонски јазик.






