Како што објавија организаторите Зелена Народна Стража и граѓанската иницијатива „Спас за Дошница“, викендов, на 9 и 10 август, кај планинарскиот дом во Смрдлива Вода над Гевгелија ќе се одржи дводневен протест-фестивал со жива музика, работилници, дискусии, детска програма, отворен базар и планинарски акции, во знак на протест против изградбата на две мали хидроцентрали на Дошница, една од најчистите реки во Македонија.
„Ова не е само протест, ова е одбрана на чистата, питка вода од која ни зависи иднината на нас и нашите деца, идните генерации што ќе живеат на ова парче земја. Питката вода е ограничена, не е бесконечна, и без неа нема живот! А институциите се расфрлаат со нашите последни, недопрени, чисти извори на питка вода како да нема утре. Затоа дојди и придружи ни се! Ќе се дружиме, ќе слушаме музика, ќе читаме поезија и ќе им нагласиме на институциите најгласно што можеме: Реките нема да се ставаат во цевка! Македонија не е хидроцентрали, не е бетон и згради, не е приватна фирма која секој може да ја уништува. Македонија е мајката природа, реките, езерата, планините, изворите. Македонија се свесните луѓе кои знаат што значи да се зачува и одржи недопрената природа, за и таа да може да нѐ чува нас! Гласно го креваме својот глас против изградбата на две мали хидроцентрали на реката Дошница и загрозувањето на водата за пиење на Демир Капија, Гевгелија, Кавадарци, Неготино и Росоман, уништувањето на македонската автохтона пчела, животинскиот и растителен речен свет и исконската шума на Кожуф. Да ја одбраниме честа, духот и човечноста за која нашите деца и внуци ќе ни бидат благодарни. Дојди и биди дел од отпорот против уништувањето на нашата природа!“, велат организаторите.
Според нив, планираните хидроцентрали ќе ја пресушат реката, ќе уништат цели екосистеми и ќе ја загрозат водата за пиење за илјадници граѓани од Демир Капија, Кавадарци, Гевгелија, Неготино и Росоман. И сето тоа за минимално производство на струја која веќе ѝ е загарантирано откупена на приватна фирма, со пари од граѓаните.
„Малите хидроцентрали се еден од најголемите криминали. Произведуваат незначително малку струја, а убиваат цел екосистем, реката се зафаќа високо во планината, низ цевка се спушта многу пониско до централата и реката пресушува. Државата им дава на инвеститорите загарантирана откупна цена на произведената струја за 20 години (ниту еден друг извор на енергија нема загарантирата откупна цена!). Граѓаните плаќаат двојно, без разлика на реалната моментална цена на струјата, поради загарантираната откупна цена ние плаќаме повисоки сметки за струја, а бидејќи овие хидроцентрали се субвенционирани, ние ги плаќаме субвенциите преку даноците. Лесно и брзо се даваат кредити под маската на „зелена“ и „обновлива“ енергија. Не се спроведуваат целосни студии од стручни лица, инвеститорите сами си изготвуваат елаборат кој никој не го проверува детално. Малите хидроцентрали се обврзани со закон да обезбедат биолошки минимум за проток на реката, меѓутоа тоа никогаш не е случај. Обичниот народ дознава за овие проекти кога багерите и машинеријата веќе ќе ги узурпираат реките и шумите, сите молчат пред да се случат. Македонија не е хидроцентрали. Таа е шума, извор, планина. Таа е сите нас“, велат организаторите на пртоестот.
Во недела, посетителите ќе можат да се приклучат на мирната блокада на трасата на хидроцентралите, а потоа да уживаат во поезија, филмска проекција и џем сешн во домот.






