Во интервјуто со проф. д-р Венера Крлиу – проректор за настава, претседателка на Одборот на директори на УАКС, директорка на Американската Гимназија Скопје, таа се осврнува на визијата и вредностите преку кои УАКС е успешна приказна веќе 20 години, се навраќа на почетоците на универзитетот, на клучните личности кои стојат зад оваа успешна образовна институција, на улогата на студентите, како и на предизвиците со кои се сретнале и вели дека сѐ започнало како „храбра, можеби и амбициозна идеја“ поттикната од вербата која нејзиното семејство ја имало во неа.
„Тоа за мене беше многу повеќе од поддршка – тоа беше момент што ми го трасираше патот и ми покажа колку е важно кога некој верува во тебе“, вели проф. Крлиу, која го гледа универзитетот не само како институција, туку како семејна приказна и простор во кој се негуваат знаење, интегритет и човечност. „И токму затоа денес УАКС го гледам како семејство – затоа што така започна. Со семејна поддршка, со почит, со доверба, со желба да се создаде нешто што ќе трае и ќе има вистинско влијание,“ посочи проф. Крлиу.
Таа често го нарекува УАКС „семејство“, нешто што, според неа, не е само фраза, туку суштина на секојдневното функционирање. „Без разлика дали станува збор за одлуки, предизвици или успеси – инсистирам сето тоа да го правиме заедно“, додава таа. По повод 20-годишнината, нејзината порака до вработените е јасна: „Благодарам. За посветеноста. За човечноста. За тоа што вложувате срце и душа. Да продолжиме заедно да создаваме разлика и убави спомени.“
Да се биде професорка, проректор за настава, претседателка на Одборот на директори на УАКС и директорка на Американската гимназија е нешто многу повеќе од титули – тоа е секојдневен предизвик што проф. Венера Крлиу го прифаќа со страст и целосна посветеност. „Животот ме научи дека ништо вредно не доаѓа лесно – но и дека сè што е искрено и полно љубов, вреди“ вели проф. Крлиу. Балансот меѓу академската и менаџерската улога, како што објаснува, станува можен кога работата ја правиш со љубов, а тимот е силна поддршка. На прашањето што ѝ е најдрагоцено од професорската улога, одговорот е јасен – интеракцијата со студентите. „Честопати тие ме учат мене. Нивната искреност и креативност се моја инспирација и потсетник дека учењето е двонасочен доживотен процес.”
За иднината на УАКС пак, проф. Крлиу во интервјуто испраќа порака до целиот тим на: „Во ова време на постојани промени, да не заборавиме на моќта на заедништвото и визијата што ја делиме. УАКС е нашата заедничка куќа – место каде што растеме, се поддржуваме и градиме подобро општество.“
Дваесетгодишниот јубилеј на Универзитетот Американ Колеџ Скопје не е само симболична бројка – тој претставува две децении визија, посветеност и заедништво. За проф. Венера Крлиу, оваа прослава е од особено значење токму затоа што стои зад конкретни вредности што го обликувале УАКС од самиот почеток. Јубилејната програма, како што најави проф. Крлиу, опфаќа неколку значајни настани: доделувањето на титулата Professor Honoris Causa на проф. д-р Светлана Мојсов – светски призната биохемичарка, членка на Американската академија на науки и професорка на Рокфелер Универзитетот, понатаму традиционалниот настан за вработените и нивните семејства, под мотото „Family First“ во мај, Летната школа по архитектура во јули, бизнис-настан во септември, и Едукативен форум за иднината на високото образование во ноември. „Секогаш сме биле предводници на новите идеи – така ќе биде и понатаму,“ нагласува проф. Крлиу, додавајќи дека УАКС веќе работи на нов меѓународен проект што ги спојува сите нивни вредности, за кој повеќе детали ќе бидат објавени до крајот на годината. „Пораката е едноставна, но силна – приказната на УАКС продолжува. А најдоброто следи“, вели проф. Крлиу