Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски истакна дека овој договор не е акт на меѓународна соработка. Потенцира дека тоа е јасна порака на Република Македонија дека гради стабилни, долгорочни, доверливи партнерства со вистински пријатели во време кога ни се потребни вистински партнери повеќе од било кога.
„Ова е втор стратешки договор што оваа власт го склучува во првата година од мандатот. Овој договор треба да се поздрави како чекор во вистинска насока, насока на конкретна надворешна политика, продуктивна економска дипломатија и визионерска посветеност кон иднината на државата. Со овој договор се воспоставува формално стратешко партнерство помеѓу Македонија и Унгарија, земја-членка на ЕУ и НАТО, со која имаме децениско пријателство и стабилни политички односи. Таквото партнерство ќе овозможи унапредување на соработката во многу важни сфери – инфраструктура, енергетика, транспорт, информатичка технологија, сајбер безбедност и одбрана. Овие области се двигател на секој сериозен развој и гаранција за економска и безбедносна стабилност, што е од особено значење во моменталната геополитичка состојба во Европа. Договорот нуди можности за домашната економија преку активно вклучување на македонскиот приватен сектор и внесување на странски инвеститори во реализацијата на стратешките проекти“, рече Мицевски.
Пратениците дадоа поддршка и за предлог на одлуката за изменување на одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Македонија и за предлог на законот за ратификација на Договорот за пристап до високо образование и прием на студии во Западен Балкан.
На денешната седница поминаа и одлуките за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државните награда „23 Октомври” и „11 Октомври”. За претседател на одборот за државната наград „23 Октомври“ е именувана проф.д-р Виолета Ачкоска, а за членови д-р Бранислав Светозаревиќ, Томе Аџиевски, проф.д-р Владо Поповски, проф.д-р Светлана Бајрактарова, проф. Ружа Ѓорѓеска, проф. д-р Лидија Ѓурковска, проф. д-р Тодор Чепреганов, Бесрат Цапри, Исамет Бакиу и Муртезан Идризи. За претседател на Државната награда „11 Октомври” е именуван проф д-р Светозар Антовиќ, а за членови проф. д-р Константин Димитров, проф. д-р Далибор Јовановски, проф. д-р Јагода Стојковиќ, Јелена Жугиќ, проф. д-р Јулија Живадиновиќ Богдановска, проф. д-р Марија Валвукис, проф.д-р Ѓорѓи Чакарјаневски, Бертон Сулејмани, Исмет Османи, Недим Положани, проф.д-р Мишел Павлоски и проф.д-р Станислава Сташа Тофовска Јаневска.
На натамошно второ читање беа проследени предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за метрологијата и предлог на законот за внатрешни работи.
Во образложението на предлог на законот за внатрешни работи, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски нагласи дека овој предлог не произлегува од бирократска потреба, туку од реална, длабока институционална потреба. Потенцира дека истиот е плод на темелна стручна анализа и јасна проценка на реалната состојба во Министерството за внатрешни работи.
„Овој предлог е резултат на системска работа спроведена во изминатата една година со цел да се воспостави функционален, фер и современ систем за работа на Министерството за внатрешни работи. Зошто беше неопходен нов закон? Имено, постојниот Закон за внатрешни работи донесен во 2014 година досега е менуван 11 пати. Оваа бројка сама по себе не зборува за флексибилност, туку за системска неконзистентност. Наместо да се поедноставува и напредува, системот станувал сè покомплексен и сè потешко применлив. Тоа резултира со нарушена функционалност, конфузија во класификација на работни места и отежнато управување со човечките ресурси. Примената на постојниот закон откри бројни празнини, неусогласености и широк простор за дискрециони одлуки. Ова честопати создаваше правна несигурност и нефункционалност во секојдневното работење. При преземањето на функцијата затекнавме систем со длабоки структурални слабости, дизбаланс меѓу бројот на раководни и извршителски позиции, отсуство на јасни критериуми за унапредување и селекција, како и механизми коишто не гарантираат транспарентност и одговорност“, потенцира Тошковски.
Според него, во рамки на новите решенија се очекува да имаме поедноставување на класификацијата на работни места, надминување на деценискиот хаос што бил во континуитет, наместо седум категории како претходно, 38 нивоа и 28 видови работни места.
„Новиот закон за внатрешни работи нуди само две категории – раководни и извршителски, три јасно дефинирани нивоа и десет видови на работни места. Ова поедноставна и јасна структура овозможува предвидливост, објективност и систематичност во кариерниот развој и управувањето со човечките ресурси“, рече Тошковски.
Пред да се утврди дневниот ред на денешната 60. седница беа предложени неколку предлози за дополнување на дневниот ред. не беше прифатен предлогот на пратеничката група на Левица да се донесе по скратена постапка законот за заштита на името Внатрешна македонска револуционерна организација – ВМРО, со кој како што рече пратеникот Димитар Апасиев, бараат да се забрани употребата на името ВМРО од политички партии. Не беше прифатен и предлогот на пратеникот на Европски фронт, Скендер Реџепи со резолуцијата за хуманитарна помош во Газа.
А беа прифатени неколку предлози – пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов кој предложи дневниот ред да се дополни со предлог-законот за издавање на вредносни ваучери со кои, како што рече, ќе се овозможи финансиска поддршка за сите студенти во државата во форма на вредносни ваучери за купување на електронски уред. Беше прифатен и предлогот на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова за закон за изменување на Законот за стоковни резерви по скратена постапка, чија цел е, како што рече, да се прецизира критериумот за познавање на странски јазици за директорот на Агенцијата за стоковни резерви, со што ќе се овозможи подобра усогласеност со меѓународните стандарди и ефикасно извршување на функцијата. Беше прифатен и предлогот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Проданоски за изменување на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи кој, како што рече, има за цел да го подобри откупот на тутун и да забрани увоз на необработен тутун за време на периодот на откуп на домашното производство, односно од 15 ноември до 28 февруари наредната година, да ги подобри условите за обработка на откупениот тутун, да предизвика предвидливо и одржливо производство на тутун. Прифатен беше и предлогот на колаицијата Вреди од Беким Ќоку за измена на Законот за развојните технолошки индустриски зони заради усогласување со Законот за организација и работа на органите на државната управа.






