вторник, 30 декември 2025

Усвоен од Владата предлог-законот за јавно обвинителство

Владата на денешната редовна 140-та седница го усвои предлог законот за јавно обвинителство, како еден од клучните чекори во спроведувањето на реформската агенда од областа 5 – Фундаментални вредности, со посебен фокус на владеењето на правото.

Објавено на

часот

Сподели

Донесувањето на овој закон, како што соопштија од владината прес-служба, претставува значаен исчекор во зајакнувањето на независноста, ефикасноста и отчетноста на јавното обвинителство, како столб на правниот систем и гарант за заштита на јавниот интерес. Законот е резултат на сеопфатен процес на анализа, консултации и усогласување со европските стандарди и најдобрите меѓународни практики.

„Со новото законско решение се воведуваат измени во постапката за избор на јавен обвинител на Република Македонија, со јасно дефинирани критериуми и механизми кои обезбедуваат транспарентен, инклузивен и мерит-системски пристап при изборот на најквалитетните кандидати. Во законот се вградени релевантните препораки, со цел процесот да биде ослободен од политички влијанија и заснован исклучиво на стручност, интегритет и професионален кредибилитет“, велат од Владата.

Дополнително, како што се наведува во соопштението, законот предвидува прецизни и обврзувачки рокови за постапките за избор, унапредување и се воведува принцип на категоризација на дисциплинска одговорност на јавните обвинители, што придонесува за поголема правна сигурност, предвидливост и функционалност на системот, а воедно и поголема одговорност на самите јавни обвинители.

Според Владата, на овој начин се зајакнува довербата на граѓаните во институциите и се воспоставува појасна одговорност во работењето на обвинителството.

„Владата останува цврсто посветена на реформите во правосудството како приоритет од највисок јавен интерес и како неопходен предуслов за напредокот на државата на европскиот пат. Усвојувањето на Законот за јавно обвинителство е конкретен доказ за определбата да се градат силни, независни и професионални институции, во служба на граѓаните и владеењето на правото“, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ