Како што информираа од Уставниот суд, врз основа на утврдената фактичка состојба на јавната расправа, судот оценил дека нема правно релевантни факти дека во овој случај и со конкретните дејствија преземени од тогашниот претседател на Собранието, Талат Џафери на подносителот на барањето му била повредена слободата на политичкото дејствување и дека истиот бил дискриминиран поради политичката припадност, поради што се исполнети условите од член 56 од Деловникот на Уставниот суд за одбивање на барањето.
Уставниот суд ги прифатил изјавите на тогашниот претседател на Собранието, Талат Џафери, кои беа изнесени на јавната расправа пред судот, дека во случајот единствено исправно било да се применат одредбите од членовите 135 и 136 од Деловникот на Собранието, бидејќи со истите се регулира постапката кога пратеник поднесува предлог-закон и му се дава овластување на претседателот на Собранието да побара од пратеникот во определен рок предлогот да го усогласи.
„Судот оцени дека д-р Димитар Апасиев требало да постапи во тој рок и да го уреди поднесокот, бидејќи станува збор за поднесување на граѓанска иницијатива од страна на пратеник, па така сосема логично било доставата на известувањето да му биде извршена во Собранието, а не на домашната адреса. Од исказите на странките на јавната расправа јасно произлегува дека подносителот на барањето за заштита на слободите и правата, Димитар Апасиев, не го испочитувал рокот од 15 дена за уредување на поднесокот односно предлогот, поради што истиот бил отфрлен како да не бил поднесен. Со постапувањето на овој начин со поднесената иницијатива од страна на подносителот на барањето сметаме дека претседателот на Собранието не ги пречекорил своите овластувања, бидејќи од одредбите од Деловникот на Собранието, посебно од одредбата од член 60 од Деловникот, јасно произлегува дека претседателот на Собранието ја испитува уредноста на предлогот за покренување граѓанска иницијатива за распишување на референдум на државно ниво. Следствено на ова, со доставување на предметното известување дека иницијативата треба да се дополни и доуреди, претседателот на Собранието, Талат Џафери ги исполнувал своите законски и деловнички обврски да се грижи за примена на Деловникот. Со ваквото постапување на претседателот на Собранието, според мислењето на судот, на подносителот на барањето д-р Димитар Апасиев не му била повредена слободата на политичкото дејствување од член 110 алинеја 3 од Уставот, од причина што тој како пратеник имал на располагање и други начини и инструменти преку кои можел прашањето за распишување на референдум на државно ниво за конкретното прашање да го изнесе пред Собранието, како што е на пример можноста што ја дава член 184 од Деловникот на Собранието според кој секој пратеник има право до Собранието да предлага донесување на декларации, резолуции, одлуки, препораки и други општи акти“, појаснуваат од Уставниот суд.
Оттаму додаваат дека во постапувањата и дејствијата на Џафери, судот ценел дека не постојат ниту елементи на дискриминација, од причина што и по иницијативата што претходно (во септември 2022 година) била поднесена од страна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за распишување на референдум во врска со договорот со Бугарија, претседателот на Собранието постапил на истиот начин и го известил подоносителот на таа иницијатива дека истата е неуредна од формални причини и не ја проследил до надлежните собраниски комисии.
Апасиев во барањето имаше наведено дека му се повредени уставно-загарантираните права, бидејќи претседателот на Собранието одбил да ја проследи иницијативата за распишување на дополнителен референдум до надлежните собраниски работни тела за прибавување мислење за уредноста на иницијатива и ја прогласил за неуредна.
Во барањето беше наведено дека претседателот на Собранието го повредува и правото на забрана на дискриминација по основ на политичка припадност, па така подносителот бил доведен во нееднаква и понеповолна положба споредено со останатите политички субјекти.
Станува збор за Предлог-барање за покренување граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување задолжителен дополнителен референдум кој требало да овозможи понатамошно непречено собирање на уставно предвидените 150.000 граѓански потписи за распишување референдум со прашањето дали граѓаните се за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на претходно донесените заклучоци од Собението од 16 јули 2022 година.