„За да продолжи бесплатниот превоз за студентите, потребно е Владата на Македонија да донесе поединечна одлука со висината на средства што ќе се релоцираат за таа цел. Со оваа мерка ќе го задолжи Министерството за образование и наука да префрли средства за бесплатен превоз за студентите предвидени на конто за студентски стандард согласно буџетот за 2025 година“, се вели во соопштението.
Универзитетското студентско собрание испраќа јавен апел до Владата и до МОН да ја донесат потребната одлука на седницата на Влада на 24 декември 2024 година со цел, како што наведуваат, ЈСП „Скопје“ да може да го продолжи бесплатниот превоз за студентите во 2025 година.
Од УСС-УКИМ потенцираат дека остануваат во борбата за заштита и подобрување на студентскиот стандард.






