Проектот, реализиран во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и со финансиска поддршка од Сојузна Република Германија, Кралството Норвешка и дополнителни придонеси од Финска, во изминатите години овозможи суштинска трансформација на начинот на стручно усовршување и професионален развој во рамки на Министерството.
Во рамки на проектот беше воспоставен модерен хибриден модел на образование кој комбинира дигитални алатки, современи дидактички методи и долгорочен пристап „обука на обучувачи“. Развиена е програма за хибридна обука, селектирани и обучени се национални обучувачи со високи дигитални и педагошки компетенции, воспоставен е Мултимедијален центар за обука во тренинг-центарот во Идризово, како и систем за управување со учење (LMS) кој овозможува флексибилна и квалитетна едукација.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обраќајќи се на завршниот настан, истакна дека овие резултати претставуваат јасен показател за институционална зрелост и определба за континуирано вложување во знаење и професионализација на полициската служба. Тој нагласи дека воспоставените капацитети отвораат можности за понатамошна соработка со меѓународните партнери и за активно вклучување во регионалните образовни мрежи, вклучително и Регионалната асоцијација на полициски академии и центри за обука од Југоисточна Европа.
Министерството за внатрешни работи упати благодарност до Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и до меѓународните партнери за континуираната поддршка, нагласувајќи дека со овој проект не се става крај, туку се отвора ново поглавје во кое хибридното образование станува составен дел од секојдневното функционирање на МВР и важна алатка за подготовка на полицијата за идните безбедносни предизвици.






