„Согласно Законот за високото образование, Конкурсот за запишување студенти во прва година во академската 2025/2026 Универзитетот ќе го објави веднаш по објавувањето на Одлуката на Владата за бројот на студентите за запишување во прва година – прв циклус на студии на јавните високообразовни установи за оваа академска година. Универзитетот во март оваа година предложи до Владата да се распише Конкурс за 9.800 слободни места (4.760 во државна квота и 4.210 со кофинансирање), но Владата го има конечниот збор при одредувањето на бројот на новите студенти.
Очекуваме овој месец јуни Владата да ја донесе одлуката за бројот на студентите за запишување во прва година – прв циклус на студии на јавните високообразовни установи за оваа академска година и веднаш потоа Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ ќе го објави Конкурсот“, вели за МИА проф. д-р Биљана Ангелова, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје.
Ректорката вели дека студиските програми на факултетите во состав на УКИМ постојано се приспособуваат или се воведуваат нови кои одговараат на тековните технолошки и општествени трендови, со практична настава во соработка со стопанството. Програмите со континуирано ниска атрактивност и резултати, вели таа, може да бидат редуцирани или интегрирани.
За година и пол очекува целосно да заврши стратешкиот проект – дигитализација на Универзитетот, кој почна минатиот месец и ќе се реализира етапно. Ќе бидат воведувани многу дигитални сервиси што ќе овозможат документи во електронска форма, меѓу кои потврда за редовен студент, уверение за положени испити и УППИ образец, електронска пријава за испит и најпосле електронски индекс.
По две години на чело на најстариот и најголем универзитет во државава, Ангелова смета дека Скопскиот универзитет се позиционира како водечка институција во земјата и регионот со силна меѓународна вмреженост и потенцијал за иновации.
„УКИМ денес стои како пример за отворен, инклузивен и проактивен универзитет, кој не само што ги следи европските вредности, туку активно учествува во нивното дефинирање и промовирање преку образование, истражување и иновации“, истакнува ректорката за МИА.
Според неа, за да се зајакне видливоста и позицијата на Скопскиот универзитет на меѓународните ранг-листи, неопходно е да се анализираат трендовите на истражувачката продукција – дали се во пораст, стагнација или опаѓање – и да се применат најефикасните алатки за проценка на академскиот кадар.