Овој настан јавноста и институциите го видоа во вистинско светло поради храброста на мајката да го сними ќотекот од таткото на детето, за да може да докаже дека живее под ист покрив со насилник кој подолг период покажувал агресија кон неа и детето и видеото да го објави на социјалните мрежи.
Причината за силните удари во глава што детето ги доби од сопствениот родител беше банална, а тоа е качувањето на кревет по играчки за да може да си игра со нејзините две сестри. Но наместо среќна игра, ова дете без никаква причина доби болка и страв од оној од кој требаше да добие заштита. Во домот во Драчево татковата тупаница е причина за детскиот страв.
Против 28-годишниот скопјанец е поведена постапка за нанесување телесна повреда и тој во моментов е во притвор во Истражниот затвор во Шутка. Основното јавно обвинителство Скопје ја иницираше постапката поради основано сомнение дека тој, во семејниот дом во Драчево, при вршење на семејно насилство телесно ја повредил неговата ќерка родена 2021 година.
Случаите на семејно насилство покажуваат дека домот не може да биде засолниште ако таму живее насилник, а тоа го предвидува и Законот за кривична постапка по кои цела алка институции треба да казнуваат.
Димитријевиќ: Гонењето по службена должност ќе значи и повеќе решени кривични дела
Адвокатот Александар Димитријевиќ кој многу пати бил вклучен во одбрана на жртвите на семејно насилство, како и во постапки каде насилство трпеле и деца вели дека жените не треба да молчат и да трпат насилство врз себе, ниту врз децата. Според него жртвите на семејно насилство ќе бидат многу позаштитени, ако ова кривично дело наместо по предлог, се гони по службена должност.
„Сметам дека ако семејното насилство наместо по приватна тужба, се гони по службена должност, жртвите ќе бидат позаштитени, бидејќи жените најчесто како жртви на семејно насилство поради условите на живот е принудена да се врати во домот и да продолжи со заедничкиот живот како и тоа да трпи закани, доколку се води процес против насилникот во суд. Од тие причини најчесто жртвата е принудена да се откаже од предлогот за кривичен прогон. Но, ако се смени Кривичниот законик и се гони само по службена должност да нема право жртвата да се повлече, туку јавниот обвинител да има овластување да ја води постапката до крај, тогаш повеќе кривични дела за семејно насилство би биле процесуирани и би биле казнети сторителите, но паралелно државата треба да обезбеди и соодветни услови за жртви, како шелтер-центри, а треба да им се обезбедаат и услови за школување на децата. Гонењето по службена должност ќе значи и повеќе решени кривични дела кои во иднина ќе извршат превенција на овој вид кривични дела и на некој начин ќе превенираат да се намали насилството и насилникот пред да крене рака на член од семејството, да размисли дека ќе биде казнет“, вели адвокатот Димитријевиќ.
За тоа дали пред насилството треба да се затвораат очи и да се молчи, тоа е дециден дека одговорот е не.
„Жените не треба да молчат и да трпат насилство ниту врз себе, ниту врз децата. Трпењето на семејно насилство значи уништување на психо-физичкото здравје на сите во семејството. Треба да има поголеми казни за насилните, поподготвени психолошки советувалишта и шелтер-центри за сместување на жртвите од семејно насилство. Нашите услови не им даваат целосна заштита на жртвите, туку само заштита на краток рок. Надзор од 24 часа треба да има и врз жртвата и врз насилникот за да не го повтори делото, а тоа е можно само со поголем број на социјални работници и поголема институционална грижа“, додава адвокатот Димитријевиќ.
Член 130 од Кривичниот законик вели дека тој што друг телесно ќе го повреди или ќе му го наруши здравјето, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Ставот 2 предвидува дека тој што ќе го стори делото од став 1 при вршење семејно насилство, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години. Според став 3, Судот може на сторителот на делото од став 1 да му изрече судска опомена ако бил предизвикан со особено навредливо или грубо однесување на оштетениот. А ставот 4 вели дека гонењето за делото од став 1 се презема по приватна тужба, а за ставот 2 по предлог.
ЦСР за случајот биле известени и постапиле на денот кога детето беше претепано
За случајот во Драчево одговор побаравме и од Центарот за социјални работи во Скопје од каде ни одговорија дека биле известени на 22 јуни, односно на денот кога се случи настанот.
„Центарот за социјална работа постапува согласно Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство веднаш најдоцна во рок од 12 часа откако ќе биде добиена пријава за насилство или пак сомнеж дека постои насилство. За случајот со малолетното дете кое беше физички нападнато од страна на неговиот татко, од страна на инспектор по семејно насилство од Оделение за семејно насилство при МВР на 22 јуни е известен Интервентен тим при ЈУ МЦСР на град Скопје, при што од страна на дежурните стручни лица веднаш е стапено во телефонски контакт со мајката и понудено ѝ е шелтер сместување. Но, таа одби и закажавме средба во просториите на Центарот за наредниот ден. Воедно се добиени информации дека сторителот на семејното насилство се наоѓа во притвор. Утредента е обавен и советодавен разговор со мајката и на истата ѝ е пружена психосоцијална подршка и се обавени советодавни разговори. Обавена е стручно методолошка работа со малолетните деца. Од страна на стручните лица исто така ѝ е пружено помош со насоки за да ѝ се пружи финансиска помош како еднократна парична помош согласно Закон за социјална заштита“, велат од ЦСР за МКД.мк
Оттаму додаваат дека постапката е во тек, а стручните лица преземаат дејства сѐ со цел заштита на правата , интересите на малолетните деца.
Димушевска: Мајката снимала, а таа снимка е доказ, но дури и овде општеството најде вина во жртвата
Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, во врска со случајот со насилството врз дете во Драчево вели дека не ги знае сите информации, но истакнува дека сериозен проблем е тоа што откако беше објавена снимката на социјалните мрежи, куп лоши коментари беа насочени кон мајката.
„Пред да ја коментираме одлуката на мајката да го снима насилството што се врши врз нејзиното дете, мораме да ги имаме сите информации, да знаеме точно што се случувало претходно во нивниот дом, дали е пријавувано, дали е обезбедена соодветна и навремена заштита од институциите доколку е пријавено, дали и мајката е жртва и така натаму. Но она што би сакала да го истакнам како сериозен проблем, е како многу голем дел од коментарите на социјалните медиуми беа насочени точно кон мајката – зошто снима наместо да го одбрани детето, а не кон таткото насилник кој го врши насилството. Дури и при еден ваков ужасен акт на насилство, општеството успева да најде вина во жртвата“, изјави Димушевска.
Според неа, иако законски системот е добро поставен, сепак нивното искуство од женските центри за поддршка (кои се лоцирани во Скопје, Тетово и Битола) покажува дека имплементацијата е на многу ниско ниво.
„Особено недостасува мрежа на специјализирани (засолништа, кризни центри, советувалишта, поддршка за домување и слично) кои ќе бидат достапни и пристапни за сите жртви кои имаат потреба од нив. И во случаи кога има соодветно и навремено постапување од институциите, како центрите за социјална работа и полицијата, сепак клучна е поддршката откакако ќе се пријави насилството, а таа поддршка сѐ уште не е воспоставена. Механизми за заштита од насилство постојат, законите ни се генерално добри, иако секогаш може да се унапредат. Но барањето постојано да се менуваат закони исто така носи големи предизвици, особено поради тоа што професионалците од кои се очекува да ги имплементираат ненавремено се известуваат за случените промени, не сите се доволно обучени да ги спроведат и секако најважното, не располагаат со доволно ресурси (човечки и технички). Ако не се алоцираат доволно финансиски средства ни најдоброто законско решение нема да може го реши проблемот, во нашиов случај да им помогне на жртви на родово базирано и семејно насилство“, појаснува нашата соговорничка.
За тоа дали има надеж дека децата после ваков ќотек и живот во средина како гледаат и трпат насилство, ќе може да бидат личности кои ќе можат да најдат правец во општеството во кој ќе имаат мирен живот и ќе бидат добри личности, а не насилни, таа вели дека не треба да ги оставиме децата сами на себе да надминат се.
„Надеж секако има, но да не заборавиме дека ако бидат оставени сами на себе да надминуваат вакви трауматски доживувања тогаш шансите дека ќе се развијат во здрави личности (ментално и физички) се многу мали. Секое негативно и трауматско искуство може да биде надминато со соодветна стручна помош. Во нашата држава ваков тип на помош недостасува. Поконретно, бројот на професионалци кои може да обезбедат ваков тип на помош (детски психолози/психотерапевти и детски психијатри) е многу мал, а уште помал е бројот на вакви професионалци вработени во државни институции. Она што треба вистински да се запрашаме и дали ние како општество ќе им дадеме надеж на овие деца, или ќе ги заборавиме како и многу други во минатото“, завршува Димушевска.
Податоците кои вчера беа споделени на настан по повод промоција на видео – материјали од комуникациската стратегија и кампањата „Има живот без насилство“, фокусирана на подигнување на јавната свест за родово – базирано насилство врз жените, покажуваат дека во првото тримесечје од 2025 година – јануари до март, бројот на ново евидентирани жртви во земјава е 391.
Од таа бројка, 284 се жени, 53 мажи, а 54 се деца – секундарни жртви. Од вкупно 286 сторители, мажи биле 266, а жени 20. Евидентирани биле 221 физичко насилство, 345 случаи на психолошко насилство, два случаи на сексуално, а девет на економско.
К. Додевска