„Производната цена беше креирана од Земјоделскиот институт – Скопје, со што според пресметките производната цена на вранецот изнесуваше 17 денари за килограм. Ако се додадат 25% како добивка према лозарите, тоа се околу 4,3 денари, односно вкупниот износ од производна цена и 25% – крајната цена која претставува откупна цена на вранецот изнесува 21,3 денари. Додека пак за Смедеревка, производната цена изнесуваше околу 15,1 денар и со зголемувањето од 25%, тоа е близу 3,8 денари, откупната цена за смедеревка изнесува околу 18,9 денари”, појасни министерот Трипуновски.
Тој додаде дека во креирањето на откупната цена се запазени и испочитувани сите законски одредби.
„Го повикувам секој земјоделец, секој кој што чувствува потреба да се информира во делот на Методологијата, да се обрати до Земјоделскиот институт – Скопје. Сите податоци околу креирањето на производната и откупната цена на грозје се јавни”, посочи министерот.
Министерот Трипуновски истакна дека оваа година се очекува околу 25 милиони килограми повеќе грозје за разлика од минатата година.






