„Во моментов тројца претставници од ТППЕ Куманово посетуваат шестдневна обука во Ватенс и Тирол (Австрија) и Вуковар (Хрватска), каде што се запознаваат со спецификациите и функционалноста на возилото. По завршување на обуката, ова модерно возило ќе биде ставено во функција и ќе биде на располагање за навремена и ефикасна интервенција во заштита на нашите сограѓани. Како градоначалник, останувам посветен на унапредување на безбедноста во нашиот град и обезбедување подобри услови за работа на пожарникарите, кои се секогаш на првата линија во заштита на човечки животи и имот“, објави Димитриевски.
Општина Куманово активно соработува со амбасада на Австрија и со Тирол на зајакнување на капацитетите на противпожарните единици. Во рамките на проектот е предвидено и зголемување на нивото на волонтерството. Во градот веќе функционира доброволно противпожарно друштво и се зголемува бројот на членови. Куманово ќе настојува во руралните средини да воспостави доброволни противпожарни друштва кои ќе добијат и теренски возила за интервенција.
Во мај, годинава претставници од Тирол ја посетија општина Куманово, додека претходно претставници од општината и ТППЕ Куманово остварија работна средба во Австрија, каде се информираа за програмските активности за заштита од пожари во Тирол.






