Министерката Јаневска истакна дека термините веќе се коригирани во електронското издание на учебникот по географија за седмо одделение.
„Во учебникот по географија за седмо одделение има застарен термин кој вообичаено во овие предели бил употребуван. Но тоа не е националистичка тенденција, особено не од Македонија, бидејќи познато е дека Македонија ја призна независна Република Косово и тоа во учебникот е наведено. Можеби е направен превид и јавно изјавувам дека авторите кои нема да се осовременат и нема да користат современа терминологија се доведуваат себеси во опасност да бидат ставени на црна листа“, рече Јаневска.
Ние, додаде, веднаш кога дознавме за пропустот, направивме исправка во дигиталната форма на учебникот и тоа е јавно видливо, во моментов се подготвува исправка и за хартиеното издание на учебникот. Но, имам потреба да искажам и дополнителен став на поставеното прашање.
„Ме загрижува зошто вие кои живеете во Македонија, вие што сте пратеник во Македонија, сте позагрижени за случувањата во други држави, отколку во нашата сопствена држава. Ако сите заедно ги браневме македонските интереси, ќе бевме заедно многу посилни, ќе имавме подобра комуникација и ќе бевме посилни и моќни. Оваа наша заедничка држава треба заеднички да ја градиме и заеднички да се бориме за нашиот заеднички идентитет. Во иднина ќе внимаваме да не се случуваат вакви грешки, а за учениците е битно да се стекнуваат со знаења, компетенции и вештини, а ние сите заедно да им помогнеме во тоа“, одговори министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешната седница за пратенички прашања кои во македонското Собрание ги поставуваше опозицијата.






