Од Титан Усје соопштуваат дека бројките недвосмислено покажуваат дека и кога компанијата не работи, амбиенталниот воздух е со истиот квалитет, што е јасна потврда за тоа дека компанијата не е причина за состојбите со квалитетот на воздухот во Скопје.
„Загадувањето во Скопје беше високо и во изминатиот период кога Титан Усје воопшто не работеше. Имено, поради редовен ремонт двете печки не работеа – едната, печка број 4, од 20 декември 2025 година, а втората, печка број 3 од 16 до 29 јануари, кога печката број 4, беше повторно вклучена, согласно работниот план. И покрај тоа што Титан Усје целосно не работеше во овој период, највисоката вредност на ПМ 10 честичките достигна и до 275 микрограми на кубен метар.
Како компанија со А-интегрирана дозвола, ние сме под континуиран 24-часовен независен мониторинг на излезните гасови од оџаците, а резултатите од мерењата се јавно достапни (неделен извештај даден во прилог).
Мерните инструменти се поставени од страна на SICK- Германија, и Титан Усје нема никаков пристап до овие инструменти, односно се работи за независен мониторинг. Точноста на овие мерења се потврдува со редовна калибрација на уредите за мерење и повеќекратна проверка и од страна на овластени меѓународни тела.
Граничните вредности на емисиите утврдени во дозволата која ја поседува Титан Усје се построги од оние пропишани со Законот. И покрај тоа, компанијата, во своето работење, не ги надминува вака дефинираните дозволени гранични вредности. Тоа е овозможено со високоефикасен, комплексен систем на современи филтри кои фабриката ги има инсталирано и задолжително работат секогаш кога работат и производните линии. Покрај тоа компанијата континуирано инвестира во модернизација на технолошките процеси. Имено, во изминатите шест години инвестициите надминаа 36 милиони евра, од кои 4,5 милиони евра беа наменети за унапредување на заштитата на животната средина.
Сите независни студии, преку хемиска анализа на депозитот од амбиентниот воздух, укажуваат дека индустријата има помало влијание на квалитетот на амбиенталниот воздух споредено со загревањето на домовите и јавните објекти, сообраќајот, градежните активности и горењето на отворено.
Искрено веруваме во потребата од еднаков третман на сите ентитети во земјата и согласно принципот на владеењето на правото очекуваме нашето работење да се опсервира и оценува низ призмата на стручноста и законите, а не преку лични и паушални ставови. Остануваме отворени за конструктивен дијалог со сите релевантни партнери во насока на изнаоѓање на трајно решение во интерес на сите“, соопшти компанијата.







